110609 Pandemie WHO
12 јуни 2009Поради засиленото ширење на вирусот на свински грип Х1Н1 од Америка во регионот на западниот Пацифик и други региони во светот, исполнети се критериумите за прогласување највисок степен на предупредување, соопшти генералната директорка на СЗО, Маргарет Чан.
Пандемија, според дефиницијата на СЗО, се прогласува кога вирусот на болеста се шири засилено, надминувајќи ги регионалните граници, и тоа „самостојно“, односно со пренесување од човек на човек.
Ваквите услови, според правилата на СЗО, се исполнети во ширењето на вирусот во најмалку два, од вкупно дефинираните шест региони во светот. Тоа се Америка, Африка, Европа, Југоисточна Азија, западниот Пацифик и источниот дел на Средоземноморскиот регион.
Досега пријавените 28.000 заболени лица потекнуваат од 74 земји во светот, но од нив 24.000, односно 87% се од американскиот континент.
Нема потреба од паника
И покрај решението да се прогласи пандемија, генералната директорка на СЗО, Маргарет Чан, предупреди дека не треба да се крева паника, зашто најголемиот дел од досега познатите случаи минуваат без потешки последици, а бројот на починати лица во светот од свински грип - 141, е релативно низок.
И германската министерка за здравство, Ула Шмит, смета дека не треба да се крева паника. За Германија, засега не се менува ништо, со оглед на тоа што земјата е добро подготвена, изјави Шмит:
„Во моментов има засилено ширење на болеста...и затоа мора да бидеме будни. Не сум во паника, но сепак, загрижена сум и сметам дека и во наредните недели ќе имаме нови случаи“, рече министерката, која повика на зачестено миење на рацете, за да се избегне инфекција.
Во меѓувреме, во Јапонското интернационално училиште во Диселдорф бројот на заболени деца од свински грип се зголемува. Градот соопшти, дека се потврдени уште 14 нови случаи, и сега има 46 заболени ученици и родители. Во училиштето, инаку, има вкупно 560 ученици и тоа ќе остане затворено до крајот на наредната недела.
ЕМФ/ Андреас Цумах/ дв
Редактор: Жана Ацеска