1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Притисок од властите на Узбекистан врз новинари на Дојче Веле

Корнелија Рабиц27 март 2007

Од крвавото задушување на побуната во Узбекистан во мај 2005-та работните услови за независните новинари се значително влошени, а тие се изложени на репресали од властите

https://p.dw.com/p/Aep5

На меѓународната листа за слободата на печатот Узбекистан е на 158-мо место од 166 рангирани земји. Организацијата Репортери без граници редовно критикува дека во таа земја практично и нема медиумска слобода. Во објективноста на таквата критика и на рангирањето на Узбекистан, Дојче Веле и непосредно се увери.

Жртви на притисокот врз независните новинари, на масивните обиди за заплашување и на државните мерки за репресија во Узбекистан сега се и соработници на Дојче Веле. Во обвинителството во Ташкент биле интензивно сослушувани и им се става на товар затајување на данок и недозволена дејност за странски медиум. Против една соработничка на нашава куќа дури и е поведена и официјална кривична постапка и таа е соочена со закана од казна до три години затвор.

Интендантот на Дојче Веле Ерик Бетерман го оцени однесувањето на властите како неприфатливо и на адреса на претседателот на Узбекистан Ислам Каримов рече: “Протестирам поради прогонот на наши слободни соработници во оваа земја и го повикувам претседателот да се погрижи неговата земја, на патот кон демократијата, со посебно внимание да ја набљудува и следи улогата на медиумите”.

Бетерман нагласи дека новинарската слобода, како во Германија и Европа, мора да важи и во централноазиските држави. Дојче Веле ја замоли амбасадата на Узбекистан за разјаснување. Протестира и организацијата Репотери без граници. Раководителот на германската секција Елке Шефтер искажа страхувања од нов бран репресалии против малкутемина преостанати независни новинари во Узбекистан.

Од крвавото задушување на побуната во Узбекистан во мај 2005-та работните услови за новинарите се значително влошени. Законите донесени лани ја отежнуваат работата на критичките новинари на странски медиуми, со закана со затворска казна за наштетување на угледот на земјата. Усложнета е и процедурата на акредитирање. Дојче Веле досега безуспешно се труди за официјална акредитација на своите дописници. На Радио Слободна Европа / Радио Либерти му е одземена лиценцата, Би-Би-Си го затвори бирото во Ташкент по значителни проблеми со властите.

Во рамките на радио-програмата на руски јазик, Дојче Веле од пред 6 години секојдневно емитува 20-минутна емисија за Централна Азија. Екслузивните информации од дописниците од регионот се основа за таа програма.