Притисок во корист на Тимошенко
12 мај 2012Повеќе од 2.000 луѓе протестираа денеска против режимот на претседателот Виктор Јанукович и изразија поддршка за поранешната премиерка Тимошенко. Демонстрантите го нарекоа собирот „опозициски конгрес“, бидејќи на него беа обединети неколку опозициски партии.
„Слобода за Украина! Слобода за Јулија!“, викаше на централниот плоштад во главниот град помошникот на Тимошенко и заменик-претседател на нејзината партија Олександер Турчинов.
Опозицијата откри план со акции пред октомвриските парламентарни избори, кои Западот ги гледа како тест за демократските процеси.
„Прво на агендата, по парламентарните избори, е ослободувањето на политичките затвореници, вклучувајќи ја и Тимошенко“, рече заменикот на една друга опозициска партија, Вјачеслав Кириленко.
Прва посета в болница
А, Тимошенко треба повторно да се појави пред суд на 21 мај, за одделен случај во кој таа е обвинета за неплаќање данок, но нејзиниот доктор рече дека е многу неверојатно оти таа ќе биде во состојба да учествува на судењето.
Поради проблеми со ’рбетот, Тимошенко неделава беше пренесена од затвор во болница во градот Харков, каде вчера ја посети литванската претседателка Далија Грибаускаите. Таа по посетата зборуваше дека Украина се соочува со изолација поради случајот на Тимошенко. На фотографијата објавена од кабинетот на литванската претседателка се гледа дека таа и’ ја држи раката на Тимошенко, која лежи на болничкиот кревет и изгледа ослабено и бледо. Грибаускаите побара од украинските власти да и’ дозволат на Тимошенко да добие медицински третман под надзор на германски доктор.
Освен поради проблемите со ’рбетот, здравствената состојба на Тимошенко се влоши и поради тринеделниот штрајк со глад, во знак на протест за, како што обвини, тепањето од стана на затворските чувари.