Презентирани две новооткриени дела од Моцарт
7 август 2009Тоа е еден посебно виртуозен момент во концертот за чембало на седумгодишниот Моцарт, од кој меѓутоа останал само звукот на пијаното односно чембалото и само една партитура. Научниот раководител на Меѓународната фондација „Моцартеум“, Улрих Лајзингер го открил делото во таканаречената тетратка Нанерл.
Таткото Леополд ги запишувал композициите што ги свирел Волфганг
Краткото дело е всушност напишано со ракописот на таткото Леополд Моцарт, но Улрих Лајзингер со голема веројатност го идентификувал како дело на младиот Волфганг: „Тетратката Нанерл содржи цела редица дела напишани со ракописот на Леополд Моцарт. Некои со сигурност се компонирани од него, а други, пак, од младиот Волфганг. Во овој случај концертната партитура што ја сметаме за најважно откритие, остава впечаток на композициски запис. Со овој впечаток меѓутоа сосема не соодветствува музичкиот впечаток, зашто еден искусен композитор како Леополд никогаш не би компонирал така.“
Тоа го наметнува заклучокот, вели Лајзингер, дека младиот Моцарт му го отсвирел делото на својот татко и овој потоа го запишал. Како знаци кои овозможуваат да се заклучи дека станувало збор за концерт за чембало, Лајзингер ги посочува поединечни тактови во кои пијаното односно чембалото свири само бас-тонови. „Поради тоа што во концертите за пијано во осумнаесетиот век чембалото немало само солистичка функција, туку го поддржувало основниот бас, бас-тоновите се делумно нотирани, но едноставно се оставени еден до два такта. А за композиција за пијано тоа би било чудно. Меѓутоа ако се замисли дека оркестарот со мали уфрлувања реагира на рециталот на солистот, тогаш тоа е сосема нормална концертна композиција.“
Доказ дека младиот Моцарт имал извонредна пијано техника
Второто дело запишано во тетратката Нанерл непосредно пред тоа е кратка увертура во Г-дур, исто така за пијано или чембало. Откривањето на двете дела не само што нуди заклучоци за начинот на компонирање на 7-8 годишниот Моцарт, туку ја докажува и неговата техника на свирење пијано, вели Улрих Лајзингер: „Бидејќи ние всушност само од кажувања знаеме дека младиот Волфганг и неговата сестра имале извонредна пијано техника. Тука во овие дела тоа навистина ни се демонстрира и човек помалку го облева пот, кога сака да го повтори она што толку едноставно можело да го отсвири момчето на осум или деветгодишна возраст.“
Овие дури сега идентификувани дела на Моцарт од тетратката Нанерл не се единствен случај. Во 2006 година во една тетратка во Салцбург за првпат беше откриено „Алегрото на Волфганг Моцарт“. Веројатноста дека и во иднина може да се смета на откривање на досега непознати дела на младиот Моцарт е голема, вели Улрих Лајзингер, зашто многу од она што го испишал Леополд Моцарт, е се` уште неоткриено.
Автор: Ханес Ајхамн / Симе Недевски
Редактор: Александра Трајковска