Предлогот на ЕУ за Украина сѐ уште на маса
25 ноември 2013Силна критика од Брисел: Во Спорот околу приближувањето кон ЕУ на Украина европското ракводство упати тешки обвинувања во правец на Русија. Врз Украина имало „надворешен притисок“, напишаа во денешната заедничка изјава претседателите на Европскиот совет и на Европската комисија, Херман ван Ромпуј и Жозе Мануел Баросо. „Ние не ја одобруваме руската позиција и делувања во овој контекст“.
Предлогот за потпишување на Договорот за асоцијација меѓу Украина и ЕУ меѓутоа сѐ уште важи, се наведува понатаму во изјавата на Ван Ромпуј и Баросо.
Според нив, за да биде потпишан договорот, од кој Киев се откажа минатата недела, потребни се напори на украинското политичко раководство. Барозо и Ромпуј го оценуваат предложениот договор за Украина како „најамбициозниот досега, кој дава добри можности за украинската економија и за иднината на земјата“.
„ЕУ е подготвена за поголема отвореност и поддршка кон оние кои сакаат да спроведат реформи и модернизација“, се наведува во заедничката изјава. Според нив, ЕУ сепак не може да ја натера Украина , како и никој друг од своите партнери, да избере меѓу Унијата или некој друг регионален партнер.
„Украина одлучува слободно и сама какви врски сака да има со ЕУ. Украинските граѓани во последните денови повторно покажаа дека целосно ја разбираат и поддржуваат историската природа на европската асоцијација“, истакнуваат Баросо и Ромпуј во изјавата.
Во украинскиот главен град Киев протестите продолжуваат и повторно стотици излегоа на улиците. „Ќе продолжиме со нашите акции сѐ додека не биде потпишан договорот за Асоцијација“, повика светскиот првак во бокс и опозиционен политичар Витали Кличко во Киев.
Вчера десетици илјади Украинци излегоа на улиците на Киев, на најголемата протестна манифестација по прозападната Портокалова револуција од 2004 година.