Првите медали во Сочи
8 февруари 2014Американскиот сноубордер Сејџ Коценбург го освои првото злато на Олимписките игри во Сочи. Тој во денешниот натпревар во слоупстајл постигна резултат од 93,50 и беше подобар од второпласираниот Стале Сандбах (Норвешка) кој имаше резултат 91,75. Бронзениот медал му припадна на Канаѓанецот Марк МекМорис со резултат 88,75.
Злато за најтрофејната олимпијка
33-годишната Норвежанка Марит Бјерген го освои златниот медал во трката на 15 километри Крос кантри, на Олимписките игри во Сочи.
Норвежанката, која е најтрофејната олимпијка во историјата, во Сочи го освои својот четврти златен медал. Покрај четирите златни медали, Бјерген во кариерата има и три сребрени и еден бронзен медал.
Бјерген на претходните Игри во Ванкувер беше најуспешната натпреварувачка со пет медали, од кои три беа златни.
Бјерген на трката на 15 километри Крос кантри во интересен финиш стигна до победата, откако во последните 100 метри беше побрза од Швеѓанката Шарлот Кала. Бјерген на целта имаше време од 38:33,6 минути, а Кала задоцни за една секунда и осум стотинки. Третото место го освои сонародничката на Бјерген, дебитантката на ОИ, Хајди Венг, која имаше време од 38:46,8 минути.
Тројна победа на Холандија
Трите медали на денешната трка во брзо лизгање на Олимписките игри во Сочи ги освоија натпреварувачи од Холандија.
Носителот на златниот медал Свен Крамер постигна време 6:10,76 што претставува нов рекорд на Олимпијадите.
Среброто му припадна на Јан Блокхиусен кој имаше 4,95 секунди послабо време од победникот.
Бронзениот медал го освои Јорит Бергсма, кој патеката од 5 километри ја излизга со резултат 6:16,66. Во историјата на ЗОИ ова беше седми пат трите медали да ги освојат лизгачи од иста држава.