1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Првите луѓе на одбраната на НАТО на средба во Брисел

14 јуни 2007

Косово, Авганистан и американскиот анитракетен штит – ова се најважните теми на кои разговараат министрите за одбрана на НАТО, на дводневната средба која започна денеска во Брисел.

https://p.dw.com/p/Awhg
Седиштето на НАТО во БриселФотографија: AP

НАТО ќе се обиде да спречи секаков обид за избувнување на насилства на Косово. Ова денеска го потврди генералниот секретар на Алијансата, Јаап Де Хоп Шефер, на средбата на министрите за одбрана во Брисел.

“Трупите на КФОР се подготвени за секакви сценарија и безбедносни интервенции”, изјави Шефер.

“Подготвени сме да ја исполниме нашата улога при спроведувањето на решението за Косово, секако во соработка со ОН и ЕУ”, појасни првиот човек на Алијансата. Шефер потенцираше дека операциите на Косово и Авганистан јасно покажуваат дека во 21 век се потребни ефикасни и брзи сили, а токму тоа се трупите на НАТО за брза интервенција кои станаа оперативни минатата година.

Косово ќе биде тема и на работната вечера, на која покрај министрите од НАТО ќе бидат и министрите за одбрана од партнерските земјите. Меѓу нив е и македонскиот министер за одбрана Лазар Еленовски.

Посебно ќе се разгледува и ситуацијата во Авганистан и безбедносната мисија на НАТО во таа земја.

Министрите на денешната средба постигнале согласност да се анализира американскиот план за изградба на антиракетен штит во Европа. Конечниот извештај треба да биде познат следниот фебруари, потврди портпаролот на НАТО, Џејмс Апатурај. Дискусијата по ова прашање во Алијансата се планира за самитот во Букурешт во 2008 година. Но, како што се дознава ниту еден од министрите на денешната средба не ги довел во прашање преговорите меѓу Полска и Чешка со САД околу инсталирање на системот на нивните територии. Германскиот министер за одбрана, Франц Јозеф Јунг предупреди од можните поделби во Европа по ова прашање.

„Мора да ни е во интерес да се изгради заеднички систем за заштита за сите граѓани на Европа“, изјави Јунг.

Состанокот продолжува и утре.