1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Прва потврда за контакт на германски специјалци со Мурат Курназ во Авганистан

19 октомври 2006

Портпарол на министерството меѓутоа ги отфрли обвинувањата на Курназ дека тие учествувале во малтретирањето. Со оваа тема се занимаваше Одборот за одбрана на германскиот Парламент.

https://p.dw.com/p/AdT4
Мурат Курназ во интервју за германската телевизија

Првиот непотполн извештај на Министерството за одбрана до надлежниот парламентарен одбор не дава докази за тврдењата на Германецот од турско потекло Муразт Курназ дека бил измачуван од германски војници, порача државнот секретар Кристијан Шмит. Тој потврди дека имало контакт меѓу припадници на Бундесверот и заробеникот во авганистанскиот град Кандахар на почетокот од 2002-та година.

“Факт е дека имало контакт – не телесен – со господинот Курназ. Но, нема подлога за неговите тврдења, тоа значи за сега не можевме да докажеме погрешно однесување.“

Верзијата на Мурат Курназ е суштински поинаква. Тој тврди дека бил уапсен за време на едно патување по Пакистан во декември 2001-та и од таму бил префрлен во американската база на аеродромот во Кандахар. Таму бил сослушуван и измачуван, а потоа бил префрлен во озлогласениот американски затвор на Гвантанамо на Куба. Таму бил држен под тешки услови и повторно малтретиран цели 4 години. Во меѓувреме тој е пуштен на слобода, а докажано е и дека бил невин што се однесува до обвинувањето за членство во терористичката организација Ал Каеда. Во интервју за Првата програма на Германската ТВ, Курназ неделава уште еднаш потврди дека во Авганистан бил тепан од двајца германски војници, припадници на единицата за специјални намени КСК:

“Дојде еден од Германците, Американците се повлекоа, ме фати за коса и ми ја крена главата на горе. Ме праша дали знам кои се тие. Пред да можам било што да одговорам, ми рече дека и‘ припаѓа на специјалната единица КСК. Потоа ми ја удри главата од земја. Сите се смееја на тоа, како Американците, така и германските војници. Потоа ме удираа со нозе.“

Пратеникот на владеачката Христијанско демократска Унија, Бернд Зиберт појасни во Одборот за одбрамбени прашања дека до војниците, кои во тоа време биле на задача во Авганистан се упатени писмени барања да се изјаснат во врска со ваквите обвинувања на Мурат Курназ. Од вкупно 69-те војници што доаѓаат предвид, 54-ица веќе одговориле и од нивните одговори не произлегува никаква основа за потврда на тврдењата на Курназ. Пратениците во Одборот сепак сметаат дека случајот мора и понатаму да се испитува. Она што е спорно, тоа е дали мора да се формира нова испитна комисија на Парламентот. Со случајот Курназ се занимава и истражната комисија за работата на тајната служба БНД. Таму треба да се испита дали германски тајни агенти го испитувале Мураз Курназ во затворот Гвантанамо, како и дали германската влада уште во 2002-та одбила понуда на Американците тој да биде пуштен на слобода и вратен во Германија.