1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Првата средба Груевски-Заев клучна за судбината на разговорите

Катерина Блажевска24 јуни 2014

Дијалогот нема да оди ни лесно, ни брзо, велат пратеници од владејачката коалиција, но прогнозираат дека опозицијата ќе се врати во парламентот по 22. август.

https://p.dw.com/p/1CP0V
Поранешна средба на Груевски и Заев (архива)Фотографија: MIA

Првата тет-а-тет средба меѓу претседателот на СДСМ Зоран Заев и премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, ќе се оддржи денеска во 13 часот на неутрален терен, во Клубот на пратениците, место што го одбра лидерот на опозицијата.

На средбата ќе бидат презентирани позициите со кои „двете страни“ ќе настапат во разговорите за надминување на парламентарната криза, односно за враќање на 33 пратеници на опозицијата во законодавниот дом. Според аналитичарите, токму првата средба ќе биде лакмус во која насока ќе се движат разговорите- дали ќе добие шанса дијалогот или поради непопустливи позиции ќе биде закопан уште пред да започне. Се ќе зависи од тежината и остварливоста на условите што ќе бидат испорачани. Она што сега е извесно, дека камен на сопнување ќе биде барањето на опозицијата за формирање техничка влада која ќе организира и спроведе фер и демократски избори. Груевски, одговарајќи на новинарско прашање, вчера оцени дека формирањето техничка влада не е решение и очекува разумни барања. „Очекувам да почнат разговори, со кои што СДСМ кога ќе завршат разговорите, ќе престане да и прави штета на Република Македонија и на сите граѓани во неа“, рече премиерот.

Според дел од аналитичарите, сѐ уште е нејасно дали СДСМ смета на техничка влада без политички мандат или на широка коалиција, но и дали ова барање се однесува за следни избори или за предвремени. Ако станува збор за предвремени избори, тие не веруваат дека некој во власта сега е подготвен на таков чекор.

Техничката влада - неприфатлива

Иако не е обелоденет „пакетот“ што го најави премиерот, според извори од владејачката коалиција, неофицијално, тој содржи неколку клучни мерки: докрај да се расчистат настаните од 24 декември и да се ефектуираат препораките за превенирање на слични ситуации, формирање работни групи кои треба да го ажурираат избирачкиот список, соодветна медиумска застапеност на опозицијата во јавниот сервис МРТВ, промена на деловникот со што опозицијата ќе може на собраниски седници да предлага повеќе точки и обезбедување консензус со опозицијата за евроинтеграциските процеси, особено во однос на можниот компромис за името. И покрај пораките дека „техничка влада“ нема да помине, лидерот на опозицијата најавува непопустлив став по прашањето за петте главни барања.

Opposition Mazedonien Rücktritt
Средба за враќање на 33 пратеници на опозицијата во СобраниетоФотографија: Petr Stojanovski

„Очекувам разговори за пет суштински теми. Потребно е да се создадат услови за одвојување на партијата од државата, за регулација на медиумите, прецизно прочистување на Избирачкиот список, спроведување попис и формирање техничка влада. Сето тоа е неопходно да се создадат фер и демократски услови за избори и за граѓаните да можат да одлучат по сопствена волја, а не под притисоци. Ветивме дека криминални избори нема да прифатиме и цврсто стоиме на тој став“, изјави Заев.

Доколку сите овие теми бидат прифатени за натамошни разговори, се очекува да бидат договорени и техничките детали: технологијата на разговори и форматот. Во спротивно, според извори од опозицијата, не е исклучено дека правата средба може да биде и последна. Но, се чини дека таквата можност ќе биде бај-пасирана со учеството на Петер Ванхоут, белгиски експерт за независност и јакнење на парламентот како институција, кој на предлог на ЕУ ќе посредува надминување на пречките за враќање на опозицијата во Собранието.

Вжештена атмосфера

Атмосферата која и претходи на средбата Груевски-Заев е прилично затегната. Обвинителството сѐ уште не се изјаснило дали ќе постапува по пријавата на СДСМ за случајот „Македонска банка“, а Заев веќе беше на првото рочиште по приватната тужба за клевета и навреда поднесена од премиерот Груевски за истиот случај. Освен дуелот во судницата, секојдневната пресметка меѓу двете партии со соопштенија се одвива со несмален интензитет, а особено се вжешти по текстот во „Дневник“ - „Зошто Заев оди пеш за Грција наместо со автомобилот од 80.000 евра“. Текстот, кој индицира дека лидерот на СДСМ пред битни настани за Македонија одел во посета на јужниот сосед, наиде на жестоки реакции во опозицијата.

„Излезе на виделина причината поради која Груевски 'монтира материјали' по медиумите под негова контрола. Груевски станал свесен дека нема начин како да избегне одговорност за аферата тешка 1.500.000 евра договорен кеш, за што постојат цврсти докази. Измислиците што мораат да ги вртат провладините медиуми, се уште еден очаен обид на Груевски да се оправда за мега скандалот во кој е лично инволвиран“, реагираше СДСМ и го отвори прашањето- кој го следи лидерот на опозицијата?

Според поранешен висок раководител на безбедносна институција, ова не мора да значи дека некој го следи Заев. „Податоците за поминување на границата не спаѓаат во тајни податоци“, вели тој, иако не е сигурен дали граничната служба би им дала такви податоци на новинарите. Во СДСМ не ги прифаќаат ваквите аргументи.

„Зошто базите на податоци не ги направат јавни, па да видиме за сите политичари кога и каде патувале. И на чија сметка. Но, овие груби шпекулативни обвинувања, не 'мирисаат' дека се темелат на податоци од граничните служби, туку од некои други. Токму вакви подметнувања покажуваат зошто во Македонија под оваа власт се невозможни фер избори и колку многу иституциите функционираат како партиски испостави“, велат од опозициската партија.

Mazedonien - Das Parlament
Фотографија: MAKFAX

Фросина Ременски, вонреден професор на Катедрата за полициски науки на Факултетот за безбедност, и функционер во СДСМ, вели дека ваквите текстови се доказ оти безбедносните служби ги „хранат“ провладините мегафони со информации прибрани преку класични методи на тајно следење на лидерот на СДСМ.

„За текстот во „Дневник“ и за полициската хронологија на влез/излез во РМ, треба да се произнесат обвинителството и полицијата. Tреба да им дадат одговор и на Заев и на другите политичари од опозицискиот блок, под кое сомневање тој е предмет на тајно следење и набљудување? Ако институциите овластени за спроведување на оваа мерка немаат одговор на ова прашање или пак, не издале наредба за спроведување на истата, тогаш треба да се оградат од јавно изнесените информации за движењето на Заев. Ако, пак, заради партиска ексклузива во известувањето на новинарот му биле ставени на располагање извештаи од незаконско следење, тогаш некој треба да понесе одговорност. Во демократска и правна држава, (каква што РМ не е) во која владее правото и се почитуваат човековите слободи и права, власта има интерес да ги заштитува правата на лидерот на најголемата опозициска партија, бидејќи во спротивно тоа ќе зборува за легалниот и демократски капацитет на власта“, децидна е Ременски.

Кралот и пешакот“

Може ли ваквата атмосфера што им претходи на разговорите, да има негативно влијание врз можноста за успех во разговорите за надминување на парламентарната криза? Според Ременски, и покрај медиумската перцепција што власта ја создава за лидерот на СДСМ, тоа нема да има влијание врз преговарачките позиции и услови на СДСМ. Ваков став дели и пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски.

Antonio Milososki mazedonischer Außenminister
Антонио МилошоскиФотографија: Dragan Todorovski

„Сметам дека амбиентот кој го опкружува очекуваниот дијалог Груевски-Заев не мора да биде пресуден за неговиот исход, затоа што се работи за двајца политичари со повеќегодишно искуство, кои мора да умеат да го раздвојат личното од државничкото. Впрочем и самата средба воопшто не би се ни случила, ако секој од нив се водел од своите емоции кон соговорникот. Но, дијалогот нема да оди ниту лесно, ниту брзо. Кој премногу очекува од овој дијалог, ризикува и премногу да се разочара. Најважно е крајниот исход да биде одговорен кон изборната волја на граѓаните и поволен за државните интереси на Македонија“, вели Милошоски.

И Павле Трајанов, лидер на владејачкиот Демократски сојуз (ДС) не верува дека сегашната атмосфера ќе влијае врз преговарачките позиции.

„Тоа се пресметки повеќе наменети за јавноста. Битно е што Груевски иницираше дијалог за надминување на оваа состојба и што опозицијата прифати разговори. Тоа е веќе чекор напред за доближување на ставовите и за излез од оваа апсурдна ситуација, а сето тоа будно ќе го следи и меѓународниот фактор. Треба време, ништо не може да се договори за еден ден. Очекувам договорот да биде постигнат и опозицијата да се врати во Собранието по 22 август, кога завршува одморот на пратениците“, вели Трајанов.

Иако „кралот“ и „пешакот“ денеска треба да заборават на црно-белите игри на шаховската табла, токму од потезите што ќе ги повлечат ќе зависи дали и колку брзо Собранието ќе излезе од пат-позиција.