Празниот стомак не прашува
27 октомври 2010
Предолгата транзиција низ која минува Македонија и економската криза која го стресе светот го земаат својот данок. Се‘ повеќе семејства се на работ на егзистенцијата, а честа слика се и луѓето кои претураат по контејнерите. Државата се обидува да го сочува социјалниот мир со неколку мерки, меѓу кои и проектот: „Народни кујни“.
Се живее ли со 1000 денари месечно?!
„Немам дома и доаѓам овде за една чинија манџа, за лепче. Болна сум и со шеќер и со нога . На работа не можам да одам. Ќе ви ја кажам вистината - се живее ли со 1000 денари? Толку добивам социјална помош месечно. Дали се живее со толку?“
Цвета е една од осумдесетте социјални случаи од Охрид кои еднаш дневно добиваат топол оброк од кујната во Студентскиот дом. Има близу 60 години преживеала тешка болест, живее сама и е пример како опстојуваат социјалците денес во Македонија. Државата за три години отвори 36 народни кујни низ цела Македонија. Во нив дневно се хранат 3514 лица. Ерзана Јакупи , портпарол во Министерството за труд и социјална политика објаснува кој може да се храни во кујните:
„Тоа се корисници на социјална парична помош, на постојана парична помош, како и стари и други лица коишто се изложени на социјален ризик и не се материјално обезбедени. Министерството за труд и социјална политика размислува, во рамките на своите можности, наскоро да отвори народни кујни и во повеќе селски средини. Годишно, државата за овој проект издвојува по 91 милион денари.“
Беспомошните се задоволни и со единстевниот оброк во денот, но што е со појадокот и вечерата? Иако ретко, меѓу социјалците кои чекаат ред за парче леб има и такви кои можат да работат, а тешко доаѓаат до неа. Никола е младо момче кое бара некој само да му подаде рака: „Работам по три-четири месеци преку лето. Апсолутно би прифатил работа. Се разбира.“
Парче леб за секого, без разлика на верата
Македонската православна црква - Охридска Архиепископија немоќта на одредена категорија граѓани ја препозна многу порано од државата, изјави за Дојче веле митрополитот на Повардарската епархија, господин Агатангел: „Во 1998 година ја отворивме првата кујна во црквата „Света Петка“ во Скопје, а по две години и втората во црквата „Свети Петар и Павле“, исто во Скопје. Отворивме кујна и во Велес, а исто така и во Преспанско-пелагониската епархија во црквата „Свети Великомаченик Димитрија“ во Битола. Во сите нив топол оброк секојдневно добиваат 400 до 500 граѓани.“
Црковните кујни егзистираат со помош на верниците, а во нив се хранат и лица од друга вероисповед.
„ Луѓето не ги делиме на верска основа.Сите кои имаат потреба да дојдат, да го закрепнат своето тело, вратите им се отворени. Покрај делењето храна, црквата собира и облека и ја делиме на овој луѓето“, додава господин Агатангел кој раководи со мисионерската организација „Ѓаконија“ во рамките на МПЦ ОА.
Во ублажувањето на суровоста на животот и потрагата по трошка среќа, постојано, но и кампањски, на ранливите категории во Македонија се обидува да им помогне Црвениот крст. Се собираат донации, се прават пакети со храна и им се делат на оние на кои им се најнеопходни.
Автор: Милчо Јованоски
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска