1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

По црниот понеделник - и црн вторник во Собранието!

Катерина Блажевска26 август 2014

Се вжешти парламентарната криза - ДПА го напушти парламентот по денешните вербални и физички пресметки меѓу нејзини и пратеници на ДУИ, по што во него ќе остане само владејачкото мнозинство

https://p.dw.com/p/1D1R9
Фотографија: MAKFAX

Седум пратеници на ДПА од утре повеќе нема да учествуваат во работата на Собранието и неговите активности. Ова е епилогот од денешната расправа на седницата на Комисијата за финансирање и буџет, која од жестока вербална дебата се претвори во тешка физичка пресметка меѓу пратеници на ДПА и ДУИ.

„Го напуштаме Собранието и сите активности во него“, изјави координаторот на пратеничката група на ДПА Имер Алиу, непосредно по инцидентот.

„Ова што се случи денеска е злосторство на Али Ахмети против албанската опозиција. Итно бараме постапка за кривично гонење на Артан Груби, Реџаил Исмаили, Муса Ибраими, Талат Џафери и Мерван Џемаили“, рече Алиу.

Артан Груби од ДУИ на прес-конференција одржана во Собранието, од името на пратеничката група го осуди насилството и побара формирање Анкетна комисија која веднаш ќе го расчисти случајот и ќе утврди одговорност за предизвикувачите на инцидентот. Според него, инцидентот бил предизвикан од пратениците на ДПА Орхан Ибраими и Беким Фазлиу. Причината, како што изјави Груби е отсуството на аргументи на ДПА и на конкурентна понуда за албанските гласачи, како и од постојаната фрустрација од изборните порази на ДПА.

Тепачката во Собранието изби за време на обраќањето од говорницата на пратеникот од ДПА, Орхан Ибраими. Тој во своето процедурално обраќање ја обвини ДУИ дека е виновна што општина Липково нема вода за пиење и покрај тоа што се наоѓа покрај Липковско Езеро. На ова, пратеникот на ДУИ, Реџаил Исмаили, дофрли коментар „не кажувај невистини“, по што Ибраими му се обратил со „мајмуне“. Потоа го фрлил пенкалото кон Исмаили и се упатил кон пратеничкото седиште на својот опонент, по што започнала размената на тупаници.

Процес на хулиганизација

Политичките аналитичари воопшто не се изненадени од ваквата атмосфера во Собранието. Според Арсим Зеколи, никулците на ваквиот процес се започнати пред две години, на таканаречениот „црн понеделник“.

„Тоа што се случи во парламентот е морално непријатно, но политички сосема очекуван резултат во процесот на хулиганизација на законодавната и извршната власт, започнат уште на 24 декември 2012 година. Ова можеше да се очекува уште по номинирањето на нови имиња во пратеничкиот и министерски состав на ДУИ, преку вклучување на лица, познати, пред се, по насилничко однесување. Излегувањето на ДПА од парламентот само по себе нема да биде голем пресврт, бидејќи тие и досега не и беа опозиција на клучната владејачка партија ВМРО-ДПМНЕ, туку и беа опозиција само на ДУИ. И не треба да не чуди тоа што овие инциденти секогаш се поврзани со расправа за буџетски средства. ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ ја имаат киднапирано позицијата на мнозинство, преку која ги казнуваат не само опозициските партии, туку и граѓаните кои гласале за опозициските партии. А кога херметички ќе се затвори процесот на одлучување, тогаш самата власт дава повод за неполитичко дејствување надвор од институциите на системот“, укажува Зеколи.

По бојкот на Собранието од страна на опозициската колиција предводена од СДСМ, ова е второ големо напуштање на парламентот од страна на опозициска партија. Со тоа во Собранието ќе остане само владејачкото мнозинство, ситуација која не рефлектира ни дијалог, ни функционална демократија. Во ДУИ засега не сакаат да ги коментираат последиците од заминувањето на ДПА од парламентот.

Не знам што да кажам, вели збунето Талат Џафери.

„Тоа е нивна одлука. Ако мислат дека тоа е решение, нека тераат така. Знам дека не е добро парламентот да остане без опозиција. Но сега не знам што да кажам“, кусо одговори Џафери.

Во ДУИ засега се занимаваат со повредите. Не на деловникот, туку физичките. Груби потврди дека пратеникот Реџаиљ Исмаили има повреда под окото и дека најпрво побарал лекарска помош од собранискиот лекар, а потоа се упатил на една од скопските клиники. Она што никој не го знае - е кој ќе ги лечи состојбите во Собранието.

Mazedonien Zwischenfall im Parlament von Skopje
На 24 декември 2012 година од Собранието беа насилно исфрлени опозициските пратеници и новинаритеФотографија: MAKFAX

Според аналитичарите, состојбата во парламентот веќе е длабоко метастазирана. Професорот Ѓорѓи Спасов, смета дека заминувањето на ДПА од Собранието е логична последица во земја во која парламентарното мнозинство смета дека има право не само да не го почитува мислењето на опозицијата, туку по потреба да применува и физичко насилство кон неа.

„Политиката позната како 'мнозинството носи се' што ја применуваат Груевски и Ахмети води кон диктатура на мнозинството која не е помалку страшна од диктатурата на пролетеријатот, и која најчесто завршува како сите диктатури во светот. Може да се очекува Груевски и Ахмети да го менуваат Уставот без СДСМ и без ДПА, да продолжат да ја задолжуваат земјата со нови кредити и да не почувствуваат дека постои политичка криза во земјата. Тоа е систем во кој веќе е оформена свеста дека никој ништо не им може, а меѓународната заедница е задоволна со меѓуетничкиот мир кој Груевски и Ахмети го контролираат и гарантираат како племенски поглавици. По овој инцидент, повторно ќе биде виновна опозицијата, судот ако треба и ќе го докаже тоа, а ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ ќе објават дека сето тоа е сценарио на оние што не и мислат добро на Македонија, бидејќи само тие знаат што е добро за неа“, вели Спасов.

Собраниското обезбедување денеска по службена должност ги раздвои пратениците кои и се препуштија на тепачката. Но, поважното прашање е - кој ќе ги спои и врати во законодавниот дом и дали е можна воопшто таква операција во ваква ситуација? Неофицијално, дел од дипломатите во земјава веќе закажале средби со партиските лидери. Една од нив попладнево веќе била реализирана.