По самитот во Берлин - се чека ставот на Америка
1 мај 2019Претседателот на Србија, Александар Вучиќ даде поглобална и пооптимистичка анализа на самитот во Берлин, но поконкретни ставови на Белград за решавањето на косовското прашање мора да се бараат во изјавите на министрите за надворешни работи и за одбрана, Ивица Дачиќ и Александар Вулин.
Вучиќ, оценувајќи ги резултатите од самитот, првенствено се осврна на значајната улога на Ангела Меркел и на Емануел Макрон, на кои им се заблагодари за ангажманот. „Тие се многу рационални и сериозни, се однесуваа одговорно и се обидуваат да најдат решение за продолжување на дијалогот“, истакна српскиот претседател. Пред некое продолжение на Берлинскиот процес веројатно ќе дојде до нов состанок во Париз на почетокот на јули во потесен формат, во намера да се најде решение за дијалог, додаде Вучиќ.
Почеток на комуникација - разликите остануваат
Некои други изјави одеа во слична насока: сега постои некаква комуникација меѓу Белград и Приштина, но секој и натаму остана цврсто на своите ставови. Во ваков случај е најважно што воопшто дојде до овој состанок, вели за ДВ и Драган Ѓукановиќ, претседател на Центарот за надворешна политика, „и тоа во време на криза на дијалогот, подолга од една година. Тоа беше на посреден начин, но сепак значајно и се одвиваше под покровителство на Германија и Франција, со учество на други земји од Западен Балкан.“
Повеќе:
Само стабилност на Западен Балкан не е доволно
Самит во Берлин: Пофалби без ветувања за Северна Македонија
Учеството на други земји од Западен Балкан на самитот во Берлин добива на тежина ако се земе предвид изјавата на германската канцеларка Ангела Меркел – дека решавањето на косовскиот проблем не може да биде на штета на други во регионот. Заклучокот од самитот во Берлин инаку повикува на имплементација на постојните договори меѓу Белград и Приштина и повторно вклучување во дијалог. Тоа очигледно било многу полесно да се напише отколку да се изведе во пракса, за што зборуваше и Вучиќ:
„Србија имаше само еден услов, а тоа е повлекување на царините од страна на Косово. Некои други сметаа дека е поважно таксите да им останат. Реков дека не доаѓа предвид некој да нѐ условува и не сакаме список на нивни желби, зашто тие инстистираа само на признавање на Косово“, рече Вучиќ. Белградските медиуми тврдеа дека пред почетокот на самитот во Берлин врз Белград се вршел притисок за продолжување на дијалогот и без укинување на царините, но во првите реагирања српските функционери не зборуваа експлицитно за тоа.
Се чека на ставот на Америка
Драган Ѓукановиќ забележува дека во оваа прилика сите останале цврсто на своите ставови, но и на Белград и на Приштина им се испратена јасна порака - дека нема ништо од нивна европска перспектива ако не постигнат заеднички договор.
„Тешко е да се очекува да дојде брзо до деблокада на дијалогот. Од друга страна, треба да се види каква ќе биде реакцијата на Америка по самитот во Берлин. Поточно, дали САД ќе имаат некоја своја агенда или план за следни потези. Во секој случај, дијалогот нема да биде деблокиран без полна усогласеност со САД и водечките држави од ЕУ“, смета Ѓукановиќ.
Белград и натаму за разграничување
Ивица Дачиќ, шефот на српската дипломатија, истакнува дека најголем успех на берлинскиот состанок би бил „ако Приштина биде натерана да ги повлече неразумните одлуки.“ Дачиќ се осврна и на изјавата на српскиот министер за одбрана Александар Вулин, „дека што побрзо треба да се оди на разграничување“ и нагласи дека тоа е „негова идеја и едно рационално и прагматично решение кое би го затворило најголемиот и најдолговечен конфликт на Балкан. Тоа решение може да биде основа за траен и компромисен договор на Србите и Албанците.“
Српскиот министер за надворешни работи оценува дека Приштина не сака дијалог, „туку само признавање на Косово. А признавање на Косово во сегашните граници е невозможна мисија," истакна Дачиќ.
Тоа беше еден вид одговор на косовскиот претседател Хашим Тачи, кој изјави дека не сака никаква размена на територии, туку сака на Косово да биде присоединета Прешевската Долина.
Според Драган Ѓукановиќ, тоа се „максималистички и нереални планови“. „Мислам дека Германија и Франција зазедоа јасен став дека нема да има промена на границите меѓу Србија и Косово. Овде гледам само дополнителна популистичка изјава на Хашим Тачи“, вели Ѓукановиќ.
Во врска со тврдиот став на шефот на српската дипломатија, дека нема признавање на Косово во сегашните граници, Ѓукановиќ смета: „Рано е во оваа фаза на замрен дијалог да се зборува за конечни решенија. Мислам дека постои можност за некои мали, но не и суштински корекции, но треба да се сочека некоја наредна етапа во самиот дијалог.“
Белград очекува тотален притисок
Како вид заклучок, во Белград можат да се издвојат и две на прв поглед различни изјави на Вучиќ и на Дачиќ. Додека Дачиќ оценува дека форматот на самитот во Берлин „не е адекватен“, претседателот Вучиќ напоменува дека „позицијата на Србија сега е посилна од порано“. Ивица Дачиќ смета дека Берлин подготвува продолжение на „тотален притисок на организаторите на состанокот врз Белград“, и дека „лидерите од Западен Балкан немаат што да кажуваат за односите меѓу Белград и Приштина.“ Дачиќ сепак додаде дека состанокот е организиран во добра намера, но и дека „Приштина очигледно има нечија поддршка да биде тврдоглава.“
Српскиот претседател пак учеството на Србија на самитот во Берлин го гледа како сериозно и одговорно, но ја предупредува српската јавност да очекува можни бројни проблеми. Вучиќ го спомена и фактот дека косовскиот премиер Рамуш Харадинај, наместо со Федерика Могерини, се состана со американскиот амбасадор во Берлин, Ричард Гренел, забележувајќи дека е тоа интересно, но дека делегацијата на Србија ги испочитувала своите домаќини.