По поплавите, нови врнежи
3 јануари 2011Градот Рокхемптон со околу 75.000 жители уште вчера (02.01) беше отсечен од останатиот свет, а истото ги очекува и повеќе градови и населени места во сојузната држава Квинсленд. Поплавите, според сателитските слики, се движат кон југ, проценува шефот на австралискиот метеоролошки центар Питер Бедилеј за австралиското радио:
„Гледаме голем бран кафеава вода, во југоисточниот дел на Квинсленд. Пред се‘ околу реките, како на пример кај Мекензи, реките Доусон и Фицрој, овде во областа на Рокхемптон. Уште еден бран се движи по течението на реката Дарлинг, во правец на Св. Џорџ.“
Дополнителна опасност се крокодилите и змиите
Од поплавите се погодени десетици илјади лица, живеат кај пријатели или роднини или, пак, во прифатилиштата. Грег Гебел, директор на Црвен крст во Квинсленд вели:
„Во Рокхемптон имаме 1.200 места, но најверојатно нема да дојдат толку луѓе. Тие доаѓаат и си заминуваат, оти водата постојано се движи. Ако повторно порасне нивото на водата, во прифатилиштата повторно доаѓаат повеќе луѓе.“
Исто така дополнителна опасност се крокодилите и змиите, вели Грег Гебел:
„Околу прифатилиштата има отровни змии, кои бараат суво засолниште. Луѓето мора да бидат претпазливи кога се враќаат во своите домови. Пред се‘ доколку нивните куќи не се поплавени.“
Исто така, повеќе куќи се ограбени. Поради големите размери на поплавите, полицијата не може да биде насекаде, и да ги заштитува напуштените куќи.
Автор: Бернд Муш-Боровска / Јасна Мушиќ Јанчулева
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска