1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

По деца во странство

2 април 2011

Се проценува дека 10 до 15 проценти од сите брачни двојки во Германија не можат да добијат дете по природен пат. Бројот на двојки кои сакаат да посвојат дете е многу поголем од бројот на децата без родители.

https://p.dw.com/p/10lBm
Фотографија: picture alliance/dpa


Посвојување дете родено во странство во Германија може да се направи само преку посебни посреднички бироа или преку овластени соработници на Заводот за деца и млади во одредени германски покраини. Идните родители мора да исполнуваат одредени услови, вели Анке Мицених од Централната канцеларија за посвојување во Рајнската област.

„Родителите треба да бидат способни да издржат различни оптоварувања, бидејќи децата кои доаѓаат од странство имаат посебни потреби. Двојките мора да бидат подготвени да соработуваат со експерти од нашите канцеларии, за да им објасниме што значи да се посвои дете. Освен тоа, двојките мора да ги добијат сите дозволи во државата од која сакаат да го донесат детето.“

Тоа не е се‘. Заинтересираните треба да имаат доволно пари и да поседуваат доволно голем стан. Ако сакаат да посвојат новороденче, тогаш не смеат да бидат постари од 40 години. Така барем гласат препораките на германските власти.

„Во таа препорака стои дека во некои случаи и стари родители можат да бидат добро решение за некое дете. Ако се млади, не мора да значи дека автоматски ќе добијат право да посвојат новороденче. Постарите парови мора да бидат подготвени да посвојат постаро дете.“

Иако процесот на посвојување е уреден со посебен меѓународен Хашки договор, тој може да се искомпликува
Иако процесот на посвојување е уреден со посебен меѓународен Хашки договор, тој може да се искомпликуваФотографија: AP

Добрата волја не е доволна за добивање дозвола

Преку неколку разговори со социјалните работници, двојките мора прво да добијат согласност дека се соодветни да бидат адоптивни родители. Притоа, понекогаш се разговара и за интимни работи. На пример, се зборува за тоа дали е психолошки „преџвакано“ сознанието дека не можат да добијат свој потомок. Овие разговори, идните родители понекогаш ги сметаат за обесхрабрувачки, но тие се неопходни, вели Анке Мицених.

„Тоа на крајот, сепак се исплати. Наша цел е да воспоставиме добри односи и да создадеме ново семејство. Треба да се биде свесен за сите искушенија и овој процес треба да се употреби за да се добијат одговори на сите отворени прашања.“

Заинтересираните за посвојување дете во германија треба да имаат доволно пари и да поседуваат доволно голем стан
Заинтересираните за посвојување дете во германија треба да имаат доволно пари и да поседуваат доволно голем станФотографија: AP

Можни компликации

Дури после тоа се влегува во процес на потрага по дете за посвојување. Ова може да трае и до две години. Иако процесот на посвојување е уреден со посебен меѓународен Хашки договор, тој може да се искомпликува.

Новинарката Марион Гедике пред девет години во Русија наишла на неочекувани тешкотии. Иако целиот процес бил уредно завршен, судот во последната минута забранил посвојување. Марион подоцна подигнала тужба до Врховниот суд во Русија - и го добила процесот.

„Се исплатеше. Секој ден кога се будам и ги подготвувам децата за на училиште за мене е уште еден ден кој го минувам со моето семејство.“

Вкупните трошоци, до завршувањето на процесот на посвојување на двете ќерки, изнесуваат 20.000 евра. Со таков висок износ не е ни чудно што во некои делови на светот се развива вистинска трговија со деца.

Автор: Клаудија Хенен / Марија Пешовска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска