Почнува гасификацијата на Македонија
2 јули 2012Руската компанија „Стројтранс гас“ и Македонски енергетски ресурси потпишаа Меморандум за соработка, што е првиот сериозен чекор кон изградба на националната гасоводна мрежа во земјата. Договорот треба да се потпише најдоцна за неколку месеци, по што ќе почнат и работите на терен.
Потпишувањето на меморандумот е во рамки на 6. седница на Меѓувладината руско-македонска комисија за трговско-економска и научно техничка соаботка, која денеска (02.07) и утре се одржува во Нижни Новогород, во рамки на која се разгледуваат перспективите за развој на трговско-економската соработка меѓу Македонија и Русија.
Македонскиот вицепремиер и министер за финансии Зоран Ставрески и копретседател на Мешовитата комисија по потпишувањето на меморандумот денеска изјави: „Очекувам со оваа спогодба да се утврди временската рамка во која што ќе се усогласат сите технички и други детали за да може за неколку месеци од денеска да почне реализацијата на проектот за гасификација, односно да се потпише и договорот со кој целосно ќе се реализира овој проект. Двете страни имаат најмногу месец-два да ги финализираат работите на своја страна и најмногу за три-четири месеци да се почне реализацијата на проектот“, рече Ставрески. Вредноста на проектот е 75 милиони долари, од кои 60 милиони се од договорениот клириншки долг на Русија кон Макдонија и 15 милиони долари се обезбедени од буџетот на Македонија со цел, како што истакна Ставрески, да се заокружи финансиската конструкција на овој дел. Тој појасни дека проектот за целосна гасификација на Македонија ќе тежи 300 милиони долари и ќе се одвива по фази, согласно разговорите што се водат со Европската банка, од каде министерот очекува дополнителни средства.