Почина севернокорејскиот претседател Ким Јонг Ил
19 декември 2011Според државната телевизија, смртта на претседателот на Северна Кореја Ким Јонг Ил настапила пред два дена, во саботата утрото за време на патување со воз. Како причина се наведува срцев удар. Во 2008-ма година Ким Јонг Ил веќе имаше мозочен удар, и како последица парализирање на левата страна на телото. Освен тоа најверојатно имал проблеми со бубрезите и дијабетес, но точно не знае никој. Здравствената состојба на Ким Јинг Ил се третираше како државна тајна.
Наследникот е веќе познат
За негов наследник на чело на комунистичката држава бил именуван неговиот син Ким Јонг Ун, јави државната новинска агенција КЦНА. Јонг Ун веќе со месеци бил подготвуван за наследник, преземал важни функции и учествувал на јавни настапи.
Во 1994-та година Ким Јонг Ил ја презеде власта во комунистичката држава од неговиот татко Ким Ил Сунг. Според проценките, помеѓу 1996-та и 1999-та година прегладнеле околу еден милион Севернокорејци. Сепак властодржецот постојано наоѓаше ресурси за да ја продолжи атомската програма на земјата и во 2006-та година да го заплаши светот со информацијата за првите тестови со атомско оружје. Неопходните економски реформи Ким постојано ги одбиваше за да не ја загуби контролата над земјата. Својата власт ја зацврстуваше со пропаганда, култ кон неговата личност и стравот од работничките логори.
Нервозни реакции кај соседите
Веста за смртта на Ким Јонг Ил предизвика нервоза кај соседот Јужна Кореја. Регистрирани се зајаканти активности долж границата со Северна Кореја, соопшти генералштабот во Сеул. Односните меѓу Јужна и Северна Кореја се многу затегнати по потопувањетио на јужнокорејски воен брод во март 2010-та година. Во ноември истата година беше стрелано врз остров кој и‘ припаѓа на Јужна Кореја, што уште повеќе ја заостри ситуацијата.
Во Јапонија пак е свикан Советот за безбедност на земјата. Премиерот Јошихико Нода ги повика министерството за одбрана и други владини служби да се подготват за евентуални ситуации. Јапонија, САД Кина и Јужна Кореја веќе се во контакт, пренесе новинската агенција Кјодо. Јапонија исто така го следи развојот и на финансиските пазари. На берзата во Токио курсот забележа пад.
Автор: АТ/ЖА/дпа/дв/ртре
Редактор: Жана Ацеска