Почина Бад Спенсер, шармантниот тепач
28 јуни 2016Според информациите на неговото семејство, Бад Спенсер починал во Рим на 86 години:
„Со голема жалост мораме да ви соопштиме дека Бад одлета на своето следно патување“, напиша семејството на Твитер. „Не страдаше, сите бевме покрај него, а неговиот последен збор беше ’благодарам’“, изјави неговиот син Џузепе Педерсоли за италијанската новинска агенција Анса.Во последно време актерот имаше здравствени проблеми.
Спенсер, роден во Неапол во 1929 година под името Карло Педерсоли, стана познат и омилен заедно со Теренс Хил, преку филмовите како „Четири тупаници за алелуја“, „Две небески кучиња на пат кон небото“. Нееднаквиот дует со децении жнееше меѓународни успеси пред камерите и остави печат врз жанрот италијански шпагети вестерн во 1960-те години. И по 50 години по нивниот прв заеднички филм „Господ простува...Џанго никогаш!“, двајцата до последен ден ги врзуваше длабоко пријателство.
„Често телефонираме меѓусебно“, изјави Спенсер пред неколку месеци во разговор за новинската агенција ДПА.
Само во 17 од неговите 120 филмови Бад Спенсер беше во „дует“ со Теренс Хил, но тие останаа светски познат филмски пар.
Пред да стекне светска слава, Бад Спенсер во раните 50-ти години бил успешен како италијански пливач, настапил дури и на Олимписки игри. Преку различни патишта стигнал до глумата.
Многу познати личности реагираа со жалење на веста за смртта на шпагети-вестерн легендата. Италијанскиот премиер Матео Ренци твиташе: „Чао Бад Спенсер, многу те сакавме.“