Почеток на преговорите со ЕУ позитивно ќе влијание врз реформите во Македонија
25 октомври 2011Македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски на средбата со еврокомесарот за проширување Штефан Филе изразил благодарност и за континуираната поддршка во спроведувањето на реформите за интеграција на Македонија во ЕУ. Воедно тој укажал дека почетокот на преговорите со Македонија позитивно ќе влијае врз реформскиот процес и врз перспективите на целиот регион.
Комесарот Филе, пак, истакнал дека обновената препорака за почеток на преговорите ја отсликува и потврдува работата на Владата во изминатата година. Исто така, еврокомесарот Филе додал дека Комисијата е подготвена да работи заедно со Владата за надминување на предизвиците кои се наведени во последниот извештај. За време на посетата, како што информираат од МНР, Попоски остварил одделни средби со претседателите на двете најголеми политички групи во Европскиот парламент: Жозеф Дол од Европската народна партија и Мартин Шулц, од Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите кој воедно е и кандидат за претседател на Европскиот Парламент.
Министерот Попоски побарал отворена поддршка за неодложно започнување на пристапните преговори на Македонија со Европската унија, како и поддршка на евроинтеграцискиот процес на Македонија во многу аспекти, меѓудругото и во контекст на подготовката на Резолуцијата на Европскиот Парламент за напредокот на Македонија во 2011 година.
На средбите било истакнато дека почитувањето на европските правила и вредности, но и конструктивноста и чувството за заеднички европски интерес е потребно, да се промовираат како земјите кандидати така и од сите земји членки на Европската Унија, особено во кризни периоди.
Автор: АТ/ макфакс/ миа
Редактор: Симе Недевски