Почесно Рациново признание за Петер Рау
13 јуни 2009Почесното Рациново признание го добиваат светски познати професори и научници кои го популаризираат македонскиорт јазик и литература во светот. Тоа на Петер Рау му беше врачено синоќа (12.06.2009), на затворањето на 46-те Рацинови средби во Велес. На прашањето што му значи признанието, Рау на литературен македонски јазик, одговара:
„Многу голема чест ми е. Во овие 13 години што сум во Македонија, се трудев да не играм само агенција за тука за да се проширува германскиот јазик и култура, туку ми беше многу важно да има реципроцитет на нашите ангажмани, да помагам за тоа македонската култура, јазик, поезија, зашто јас сум од книжевноста, да се проширува и во Германија и во земјите каде се зборува германскиот јазик. “
Беседа за Рацин
Професор Петер Рау, во чест на Коста Солев Рацин и неговата стихозбирка „Бели Мугри“ одржа беседа за Рацин во неговата спомен куќа:
„Коста Рацин беше на првите места на таа лектира што ми беше обврска кога почнував да се занимавам со македонската култура, традиција, историја, литература, јазик. И морам да кажам дека сликата за Рацин од првата лектира не се менува многу, затоа што веќе тогаш ми беше јасно каков значаен автор е тој.“
Професор Рау веќе 14 години е во Македонија. Предава германистика на четири македонски факултети. Но, најважното е што го популаризира македонскиот јазик и литература во Германија и светот. Како го прави тоа?
„Јас сум основачот и до денешен ден раководам со институциите за македонско-германски односи. Мене ми беше посебно важно да дејствувам и во другата насока, а тоа го направив во меѓувреме. Во 2006 година се издаде првиот голем научен германско –македонски и македонско - германски речник. Исто така, постои едно билатерално списание германо-македоника, каде може да се објавуваат и германистички и македонистички трудови, статии, рецензии и критики. Има и една програма за издавање на учебници, билингвални учебници, како, на пример, македонско - германска граматика и македонско - германска политика“, вели Рау.
Рау е голем пријател на Македонија
Раде Силјан, претседател на Друштвото на писателите на Македонија, за значењето на професор д-р Петер Рау за Македонија, вели:
„Во името на професорот д-р Петер Рау македонската литература и култура имаат голем пријател, човек кој со многу знаење и истрајност ја презентира македонската вистина во германскиот простор.“
Автор: Антоанела Димитриевска
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска