Короната ги натера Германците да си ги чуваат парите
22 април 2021Одредбите во Германија се јасни (иако ретко кој може да ги разбере): прво минатата пролет, а сега од пред Божик, право да работат имаа само продавниците за храна, аптеките и киосците. Имаше многу проблеми за од неодамна со работа да почнат фризерниците и берберниците, како и продавниците за цвеќе и книжарниците, но главно сите други трговци треба да се снаоѓаат за некако да ја продадат својата стока: на пример, со нарачка преку интернет и достава на влезот во продавницата.
Интернет-продавниците како Амазон можеби можат да ѝ подигнат споменик на пандемијата на коронавирус поради неочекуваниот рекорден профит, но на Германците, сѐ на сѐ, едноставно им здодеа да се малтретираат и да купуваат што и да е.
Институтот за германска економија (ИВ) во Келн пресмета дека граѓаните во просек потрошиле околу 1.250 евра помалку за стоки за широка потрошувачка.
Автомобил наместо чевли
Потрошувачката на граѓаните е за 6,1 проценти пониска отколку во 2019 година, што е најголем пад во последните 70 години. Тоа е огромна дупка во износот на пари што е во обрт во Германија - 104 милијарди евра. Звучи апсурдно што набавката на потрајни предмети, како што се мебел или автомобили, во втората половина на годината дури се зголеми за пет проценти во споредба со истиот период претходната година, а економистите на ИВ сметаат дека на тоа влијаелa привремено мерката за намалување на данокот на додадена вредност.
Сепак, се чини дека причината може да биде поедноставна: луѓето не знаеја што да прават со парите. Кога постојано седат дома, тогаш барем можат да си дозволат нов мебел, особено пристојна работна маса, бидејќи треба да се работи од дома. Па, откако се виде дека всушност нема каде да се потроши заработеното, пари останаа и за автомобил.
Повеќе:
Со корона-тест на шопинг? (Не)функционира!
Германските купувачи не се нервираат поради затворањето на продавниците
Black Friday: Обрт само онлајн
Во таква ситуација, трговијата со производи за широка потрошувачка, како што се облека или обувки, е особено погодена. На почетокот, сѐ уште се купуваше преку интернет, но дома и онака не е важно кој како изгледа. Но, вистинската катастрофа ги погоди услужните дејности: „Затворањето на услугите со блиски контакти, како што се гастрономијата, хотелиерството, забавата и манифестациите, направи многу желби за трошење да бидат невозможни“, вели економистот од ИВ, Хубертус Барт. Само во тие сегменти, потрошувачката падна за дури 78 милијарди евра - два процента од германскиот БДП.
Потрошувачката во Германија во такви околности навистина доби бизарни форми: ланци на супермаркети, како на пример „РЕВЕ“, пријавуваат рекорден промет, но исто така признаваат дека лавовскиот дел од тој раст потекнува од т.н. сектор НФИ - непрехранбени производи. Бидејќи сите супермаркети, а особено оние со пониски цени ,како што се „Лидл“ или „Алди“, редовно имаат сѐ во својата понуда, од алати и додатоци за домаќинства до спортски предмети. Се чини дека тоа стана главен извор на снабдување во домаќинствата.
Верижна реакција на лоши вести
Сето ова е всушност катастрофа: првенствено за мали и семејни, специјализирани продавници за чевли, облека, шешири... Тие прво мораа да се борат против големите стоковни куќи, потоа против трговските центри, потоа против интернет, а короната е, се чини, капка што ја прели чашата. Многумина одамна немаат пари да изнајмуваат деловен простор и на нивно место ќе останат дупки во центрите на градовите, или евентуално ќе се отворат продавници за евтини работи.
Ова е проблем и за центрите на градовите: во ера на затворени продавници, таму се проширија главно бездомниците во потрага по заштита од дожд. За многу луѓе сега нема ништо привлечно во прошетка низ центарот.
Но, најголемиот проблем е финансиски: за време на евро-кризата од 2008/2009 година, економистите предвидоа и многу посериозен економски пад на Германија, но беа изненадени. Иако во тоа време можеа да се слушнат црни предвидувања од сите страни, Германците продолжија да купуваат. Оваа нација во никој случај не може да се класифицира како расипничка, но токму таа потрошувачка ѝ помогна на целата германска економија да ја надмине кризата.
Заштедите на Германците достигнуваат рекордни износи, а 43% од анкетираните во истражувањето на келнскиот Институт за германска економија велат дека ќе продолжат да штедат. Во нормални околности, тоа би било околу 30 проценти. Дури и за најомилениот трошок на Германците- одморот, нема планови. Одвај 30 проценти од испитаниците велат дека ставаат нешто настрана за летни одмори - вообичаено тоа го прават околу 50 проценти од граѓаните.
Сето ова е проблем и за банките: некои од нив веќе започнаа да ја ограничуваат сумата на пари што можат да се чуваат на сметката, во спротивно граѓаните плаќаат казнена камата. По правило, тој лимит е поставен на 100.000 евра, но веќе се слуша дека некои банки сакаат да го намалат на само 25.000 евра. Значи, заработеното треба да се потроши. Единствено прашање е - каде?