1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Постигнат договор за северот на Косово

5 август 2011

Командантот на КФОР на Косово и претставниците на српската Влада попладнево постигнале договор за надминување на кризата на северот на Косово. Приштина предупредува од опасноста од поделба на државата.

https://p.dw.com/p/12Beb
Фотографија: picture-alliance/dpa

Преговорите меѓу претставниците на КФОР на Косово и пратениците на српската Влада попладнево вродија со плод, откако бил постигнат договор за кризата на северот на државата.

И официјална Приштина и Белград дале вербална согласност за договорот чии детали не се откриваат во целост. Според германската агенција ДПА, договорено е силите на КФОР целосно да ги контролираат двата спорни гранични премини Јариње и Брњак најмалку до средината на септември годинава. Притоа, на граничните премини ќе се овозможи слободен проток на автомобили и автобуси, но ќе бидат забранети за стокови производи, со исклучок на хуманитарна помош.

Според првичниот договор, постигнат во средата меѓу КФОР и српските претставници, на двата спорни гранични премини Јариње и Брњак можеа да минуваат автомобили, автобуси и камиони со носивост до 3,5 тони. КФОР, во договор со косовската Влада, предложи измени на првобитниот договор, со кои на двата гранични премини ќе можат да минуваат само камиони кои носат хуманитарна помош, но не и останатите. Србите не се согласија со оваа опција. Локалните Срби и 11-та ноќ по ред останаа да дежураат на барикадите подигнати на неколку патни правци околу премините. Се очекува по постигнатото решение, барикадите да се тргнат.

Министерката за трговија и индустрија на владата на Косово, Мимоза Кусари-Љиља ги демантираше информациите дека претходно официјална Приштина постигнала договор со КФОР околу спорните точки. Според неа, „не е постигнат договор, туку само се поставени точки за натамошна дискусија“.

„Ние стоиме на ставот дека нема враќање назад на состојбата од пред 25 јули и косовските институции се одлучни да применат реципрочни мерки кон Србија на целата територија на Косово“, изјави Кусари-Љиља.

Мултиетнички криминалци

Приштинските весници му посветуваат големи внимание на интервјуто на генералот на КФОР, Ерхард Билер во германскиот весник Тагесшпигл. Генералот Билер смета дека проблемот на северот од Косово го креираат криминални групации кои се со мешана албанско-српска структура.

KFOR General Erhard Bühler
Генералот на КФОР, Билер во разговор со српски претставнициФотографија: picture alliance/dpa

„И премногу долго е дозволено овде да се формираат радикални структури. Тоа во прв ред се многу силни криминални структури, кои се патем мултиетнички изградени- тие се и косовско-албански и косовско-српски“, вели Билер.

Шефот на косовската дипломатија Енвер Хоџај изјави дека Србија се обидува да ги искористи зголемените тензии околу спорот во северниот дел со цел да го оствари својот сон за поделба на Косово и оцени дека тоа и ќе се случи доколку нема притисок врз Белград.

Суштината на проблемот, според него,е дека Србија сака да го подели Косово и да го земе северниот дел. Хоџај верува дека поделбата на Косово ќе ја отвори Пандорината кутија каде несигурноста, нестабилноста и насилството може да се прошират низ регионот во незамисливи размери.

Автор: БГ/ б92/ бета/ миа

Редактор: Александра Трајковска