1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Последни подготовки за скринингот на учениците

ДТЗ
13 октомври 2021

Министерот за здравство, Венко Филипче, очекува до следната недела да започне скринингот. Тој  апелира до родителите да се согласат децата да бидат тестирани, со земање на обичен брис

https://p.dw.com/p/41cTF
Symbolbild I Pflegeheim I Coronavirus
Фотографија: Jonas Güttler/dpapicture-alliance

Привршуваат подготовките за надлежните институции за почетокот на скринингот за Ковид-19 во училиштата. По направената анализа за бројот на ученици, Министерството за здравство и Министерството за образование и наука ќе почнат да бараат писмена согласност од родителите за тестирање на децата кои ќе бидат опфатени.

Министерот за здравство, Венко Филипче, очекува до следната недела да започне скринингот. Тој  апелира до родителите да се согласат децата да бидат тестирани, со земање на обичен брис. Само на тој начин ќе се утврди дали има асимптоматски случаи меѓу децата. 

Nord-Mazedonien Gesundheitsminister Venko Filipce
Венко ФилипчеФотографија: DW/P. Stojanovski

„Сега епидемиолошката ситуација е прилично мирна, немаме заболени деца, немаме хоспитализирани – 10-15 во болницата во Козле, и во ниту една друга институција нема податоци за трансмисија на вирусот во училиштата. Но, важно е да знаеме дали евентуално би откриле асимптоматски носители кај децата“, вели Филипче. Со скринингот ќе бидат опфатени 8 200 деца од основните и средните училишта во земјава.

Не се очекува силен бран

Филипче не очекува во следниот период да има силен бран на Ковид-19. Засега не се размислува и за воведување задолжителна вакцинација, но ништо не е исклучено и се ќе зависи дали досегашниот опфат ќе продолжи и натаму да ги намалува бројките.

Nord-Mazedonien Corona Impgung in Skopje
Засега не се размислува за воведување задолжителна вакцинација.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

„На територијата на цела држава е во пораст опфатот со вакцинација. Сметам дека силен бран не би требало да има, но тоа не значи дека не треба да сме внимателни и треба да ја следиме состојбата. Очигледно дека вакцинацијата го прави своето. Дека има ефект од овој процес е докажано и беше докажано сега во овие градови во кои болниците воопшто не се преоптоварија. И доколку се заразат вакцинирани лица, тоа ќе биде со полесна форма на болеста“, вели министерот за здравство.

Наскоро ќе почне да се применува нова рестриктивна мерка за влез на одредени објекти и настани, при што ќе може да влегуваат само вакцинирани со две дози.