1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Последна шанса за Г7

Хенрик Беме/превод:БГ5 јуни 2015

Тоа ќе биде огромен медиумски настан, но Г7-самитот ќе мора да биде далеку повеќе од убави слики. Притоа, и Германија треба да биде повеќе од само добар домаќин, пишува Хенрик Беме.

https://p.dw.com/p/1Fbyv
Фотографија: Getty Images/L. Preiss

Џенова, 20 јули 2001: Силвио Берлускони, тогашниот премиер на Италија, ја покани групата Г8 на самит во пристанишниот град, но десетици илјади демонстранти исто така дојдоа да протестираат. Тие во Г8 го гледаа изворот на сето зло - упориште на неолиберализмот заслужен за светските неправди.

Тој ден, куршумот испукан од 20-годишниот полицаец Марио Плаканика го уби 23-годишниот демонстрант Карло Џулијани. Самитот сеедно се одржа, но политичките теми беа засенети од убиството. Беше договорено идните самити да се одржуваат на поизолирани места. Тоа беше првиот клин во ковчегот на Г8.

Неколку години подоцна, колапсот на Лиман Брадерс ги потресе финансиските пазари. Светот се најде пред амбис, а во Г8 брзо сфатија дека не можат да го решат проблемот сами. Беше свикан Г20, кој дотогаш функционираше како форум на министрите за финансии. Во 2008 во Вашингтон, шефовите на држави или влади за првпат седнаа на заедничка маса.

Како резултат на тоа, Г8 загуби на значење. Летото 2010, беше направен обид за некаков двоен самит во Канада - прво се сретна Г8, а потоа и Г20. Тогаш беше договорено глобалната светска економија да се дебатира на Г20, а Г8 се ребрендираше како надворешнополитички форум. Но, ниту тоа не донесе некои резултати. Интересите беа премногу различни и спротивставени. Тука групата на осумте најразвиени повторно ја виде својата шанса. Еден од најжешките светски проблеми беше нееднаквоста. Во финалните документи од неколку Г7 и Г8 самити се повторуваше заклучокот за борба против сиромаштијата, зголемувањето на данокот на капиталот и борба против протекционизмот како и против дубиозните даночни пракси на големите меѓународни корпорации.

Deutsche Welle Henrik Böhme Chefredaktion GLOBAL Wirtschaft
Хенрик БемеФотографија: DW

Борба против нееднаквоста

Но резултатите изостанаа. Тоа особено се однесува на дистрибуцијата на богатството. Тоа најдобро се илустрира во податокот дека богатството на 80-те најбогати во светот се искачило од 1,3 трилиони долари на 1,9 трилиони во последните четири години, по финансискиот колапс. Клубот на најбогатите поседува богатство еднакво на најсиромашниот дел од населението - околу 3,5 милијарди луѓе. Диспаритетот не е лимитиран само на поделбите „север-југ“, меѓу богатите и сиромашните земји. Погледот на САД го потврдува тоа. Таму, директорите на 500-те најсилни компании на берзата, заработуваат 250 пати повеќе од просечниот работник. Во исто време, повеќе од 45 милиони американци преживуваат благодарение на боновите за храна.

Лидерите на Г7, сега откако Русија е исфрлена од групата, тоа многу добро го знаат. Но, ни на повидок нема план за запирање на овие процеси. Во пресрет на специјалниот самит на ОН во септември, самитот во Елмау е можност за Г7 да ги подвлечат плановите за ставање крај на екстремната сиромаштија до 2030 година.

Тие ќе мораат повеќе од досега да се фокусираат на креирање ефективни даночни политики, бидејќи компаниите кои избегнуваат плаќање данок се со седиште во земјите од Г7. Тие ќе мораат да осигураат почитување на еколошките, социјалните и работничките стандарди низ целиот продукциски и дистрибутивен ланец, и тоа обврзувачки. Оттука, приоритетите поставени од Германија на Г7 се исправни. Но канцеларката ќе мора да биде повеќе од добар домаќин на самитот. Таа ќе мора да ја покаже подготвеноста на Германија да ја преземе одговорноста. Таа ќе мора да покаже дека е подготвена да води.

Последна шанса

Останува прашањето: дали Г7 може да ги спроведе своите цели? Групата мора да прифати дека тоа е последната шанса за нејзиното постоење. Само доколку сите седум членки успеат да се договорат за климатските промени и социјалните стандарди, и кога ќе ги натераат корпорациите да ги почитуваат истите, тие ќе можат да ја заслужат етикетата „друштво на заеднички вредности“.

Тоа е единствениот начин да се демонтира бомбата наречена социјална нееднаквост. Мултимилијардерот Пол Тјудор Џонс- трговец и менаџер на хеџ-фонд- го сумираше проблемот пред извесно време. Тој рече дека светот се наоѓа среде катастрофална пазарна манија, најлошата која воопшто ја доживеал. Раслоеноста меѓу најбогатиот 1 процент и остатокот од светот не може да трае уште долго. „Тоа ќе заврши со револуција, повисоки даноци или војна“, вели тој.

Тоа треба да биде максимата и на Г7, во спротивно, ќе можат таа порака да си ја изгравираат на гробот.