1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Посета на забранетата зона во Чернобил

26 април 2006

По избивањето на пожарот во четвртиот блок на нуклеарката во Чернобил, луѓето беа евакуирани во круг од 30 км. И по 20 години од најголемата нуклеарна катастрофа што ја познава човештвото оваа зона важи официјално за забранета, а во неа можат да дојдат само делегации и новинари и тоа само на посета. Кристијане Хофман имаше можност да се најде меѓу нив и го испрати следното репортажно видување.

https://p.dw.com/p/Aedk
Поглед на реакторот што ја предизвика катастрофата
Поглед на реакторот што ја предизвика катастрофатаФотографија: DW-TV

Контролниот пункт со намќорестите чувари останува зад нас. Автомобилот заминува понатаму минувајќи покрај многубројни напуштени куќи. Околу улицата дивее трева и коров, а мојот водич Јуриј запира и покажува на еден долгнавест рид блиску до патот.

„Овде се закопани куќите од едно село. Големите парчиња се таму лево, а другите ги раситнија багери и потоа ги фрлија во една огромна јама и ги прекрија со повеќе слоеви кал. Тогаш сето тоа беше направено на брзина.„

Во големите колективни гробови за куќите беше закопана и егзистенцијата на стотици илјади луѓе од забранетата зона, каде и ден денес има зголемена радиоактивност:

Како му се приближуваме на изгорениот реактор обвиткан со бетонски саркофаг, така бројачот покажува се‘ повисока и повисока радиоактивност. Јуриј како да ги чита моите мисли и ме прашува дали страдам од радиофобија. На мојот зачуден поглед одговара:

„Да, да, постои и радиофобија, тоа веќе сум го видел. Кога гајгеровиот бројач ќе почне да удира позабрзано, тогаш луѓето автоматски стануваат понервозни. Некои други тврдат дека чувствуваат метален вкус во устата и гребење во гркланот. Но, тоа не може да биде реално, тоа е манифестација на радиофобија. Такви појави реално се јавуваат кај многу повисока радиоактивност, што се мери со рентгени, а не со мили- или микро-рентгени како оваа„ – појаснува водичот Јуриј.

Тој е овде речиси секој ден цели осум години по ред и води разни групи експерти и новинари. Тој појаснува дека во забранетата зона живеат и работат околу 4000 лица, како во нормална фабрика:

„Овде уште работат 3.800 луѓе, тие се грижат за отстранувањето на радиоактивниот отпад и одговорни се за безбедноста на нуклеарката, ги контролираат параметрите.„

Меѓу нив има и западни фирми кои се подготвуваат од наредната година да изградат нов бетонски саркофаг за изгорениот реактор, бидејќи сегашната заштитна обвивка станала порозна.

Покрај оние кои по задача престојуваат во забранетата зона околу Чернобил, меѓутоа, има и такви кои властите ги толерираат. Меѓу 300-те старци се и Марија и Михаил, кои имаат по седумдесетина години:

„Се‘ оставивме овде, ми допуштија при евакуацијата само уште да го заклучам подрумот, каде токму складиштевме месо и сланина од свежо закланата свиња. Кога потајно се вративме назад по темница по неколку дена, видов дека се‘ си останало како што оставивме„ – појаснува Марија. Таа и нејзиниот сопруг не сакаат да си одат, иако животот во забранетата зона никогаш повеќе нема да биде како порано. На местото на богатото село со преку 400 семејства, сега живеат само неколкумина старци – во големата пост-нуклеарна пустелија околу Чернобил.