1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Порано имале се’, денес немаме ништо!

19 мај 2011

Пред 20 години на денешен ден беше одржан референдумот за независност на Хрватска. Но генерацијата млади луѓе родени 1991 година не знаат многу за поранешна Југославија, а уште помалку се одушевени од новата татковина

https://p.dw.com/p/11JfT
Плакат на ХДЗ на првите парламентарни избори во Хрватска во 1990 годинаФотографија: AP

Референдумот за независност на Хрватска беше одржан на 19 мај 1991 година. На него излегоа 83 отсто од граѓаните со право на глас, а од нив, дури 94 проценти се изјаснија за независна и самостојна држава Хрватска. За втората понудена опција, останување во федеративна Југославија се изјаснија околу 1,2 проценти од граѓаните.

Референдумската генерација е неинформирана

Многу малку од помладите хрватски генерации, особено оние родени во референдумската година воопшто знаат што се случувало на овој ден, а темата всушност и многу не ги интересира. За Југославија слушнале, воглавно од родителите, и за неа не сакаат многу да зборуваат, затоа што велат, не го вкусиле животот во неа, па не се ни компетентни.

Разговарајќи со младите кои се родени во таа 1991 година, а денес се студенти на Универзитетот во Задар, стекнувате впечаток дека за отцепувањето не знаат многу, го сметаат тоа за добро, иако и за Југославија слушнале многу позитивни коментари. Еве дел од нивните одговори на прашањето што знаат за Југославија и за референдумот кој е одржан во годината кога биле родени.

Kroatien Wahlen Referendum Studenten Universität Zadar
Студентите во ЗадарФотографија: DW

„Јас не знам многу за тоа. Знам дека Југославија била нечиј сон, а сега би требало да биде подобро откако Хрватска се осамостои. Но ситуацијата денес исто така не е добра“.

„Југославија била добро замислена, но на крајот сето тоа не испаднало така добро. И што останало од тоа? Ништо! А каква е Хрватска денес? Никаква“.

„Ветувањата дека ќе биде многу подобро кога ќе се отцепиме не се остварени. Состојбата во Хрватска е тешка. Едноставно- лошо е“.

„Мислам дека сите имавме различно детство и услови, кога сето тоа траеше, но добро е што се случи така, бидејќи сите тие нации не можеа да функционираат заедно“, велат студентите.

Порано се‘ било многу подобро од денес

И студентите во Загреб имаат слично мислење. Еден студент роден во 1991 година, кој никогаш не живеел во екс-Југославија, вели дека за него таа земја е симбол за подобар живот и стандард. Целосно е уверен дека тогаш било многу подобро од денес.

„За тоа слушав од баба ми, дедо ми, од колегите на татко ми. Порано имале се’. Денес кога ние младите ќе се споредиме со нив, испаѓа дека немаме ништо“.

Има и други млади луѓе кои знаат по нешто за Југославија. Некои, слушајќи ги приказните на нивните родители, мислат дека тоа биле златни времиња, особено кога станува збор за работниците и работничките права. Други велат дека е добро што таа држава повеќе ја нема, а трети се убедени дека Хрватите во поранешната татковина биле деградирани и распадот бил логичен крај.

Franjo Tudjman Mate Granic Soldaten Kroatien
Поранешниот претседател Фрањо Туѓман со Мате Граниќ во КнинФотографија: picture-alliance/dpa

Еден студент од Загреб вели дека при споменувањето на Југославија, помислува на заедништво. Патувал низ поранешните ју-републики и никаде не бил дискриминиран. Националната нетрпеливост, останата од војните на тие простори, ја смета за непотребна. Вели дека помладите генерации, за разлика од постарите, се’ помалку се оптоварени од военото минато. Вели дека со добро домашно воспитување, во иднина ќе нема повеќе простор за омраза.

„Ако дома те учат да мразиш, тогаш ќе мразиш. Во спротивно нема“, вели овој студент.

Автор: Ивана Зрилиќ и Синиша Богдановиќ/Борис Георгиевски

Редактор: Жана Ацеска