220311 Rammstein
11 декември 2011Од формирањето на источногерманската рок група во 1994 година, не поминува година, турнеја или албум, а да не биде повторно актуелизирана приказната за феноменот „Рамштајн“. Дали бившите панкери се нарекоа според воената база Рамштајн во која се случи авионската несреќа? Дали во видеото „Стрипед“ се поигруваат со естетиката на нацистичка Германија зашто и сами се неонацисти? Или се само рок-група која не ја сфаќаат?
„Не сакаме копии. Сакаме да бидеме оригинални. Има една убава индијанска поговорка: ’Кога ќе тргнеш по туѓи стапки, не оставаш траги’“, вели Паул Ландерс, гитарист на „Рамштајн“.
Тој и неговиот бенд оставија траги. Како најпознат претставник на „Новата германска жестина“, мешавина на електронска музика и хеви метал, „Рамштајн“ во текот на годините стана германски извозен музички производ број еден. Повеќе од 15 милиони продадени албуми ширум светот, повеќе од 300 меѓународни награди.
Проблематични текстови и настапи
А неволјите поради нивните настапи и текстови почнаа од почетокот:
„Секогаш постапувавме така како Германија да е сосем нормална земја, како и секоја друга, како Унгарија на пример. Но, не е. Тоа моравме да го прифатиме. Имаше војна, имаше период за кој не се зборуваше. Со тоа се занимаваме во недоглед“, вели Ландерс.
„Тие сакаат моето срце да биде на десна страна, но кога самиот погледнав, открив дека тоа чука лево“... се вели во една од песните на групата.
Се прославија со филмот на Линч
„Рамштајн“ станаа познати за широката публика со филмот на Дејвид Линч „Изгубен автопат“. Во потрага по режисер за нивниот прв телевизиски спот, членовите на групата го испратиле својот албум на сите филмски автори кои ги знаеле од киното. Линч не го режираше нивниот спот, но затоа песната „Омажи се за мене“ е музичка илустрација за една насилна секс-сцена.
Оној кој во текстовите бара провокативна содржина, неа и ќе ја најде: убиство на мајка, инцест, садо-мазохистички алегории, крв и гнилеж...Но, тука е и тешката, на морбиден начин убава романтика.
„Бомба“ од шест компоненти
Музичарите од основањето на групата одбиваат разговор за своите музички концепти, но нема албум без негативен одек во медиумите-силувачки фантазии, величање на насилството...
Но,„Рамштајн“ останува „Рамштајн“. Наместо да попушти под притисокот на медиумите, продолжува со урнебесот. Паул Ландерс вели дека поинаку не може:
„Поголемиот дел од идеите се најчесто провокативни. Ние сме бомба од шест компоненти. Единечните компоненти се уште некако во ред, но кога ќе се спојат, доаѓа до хемиска реакција и тогаш се‘ се случува“.
„Рамштајн“ е најпопуларен германски бенд во странство. Јапонците ги пеат нивните текстови на германски од збор до збор, стадионите во Латинска Америка се преполни, а Американците ги обожуваат. Речиси ниедна награда „Греми“ не поминала без нивна номинација. Но, бендот ја научи лекцијата со германските медиуми. Членовите речиси не даваат веќе интервјуа. Пејачот Тил Линдеман целосно одбива да разговара со германски новинари.
Нова провокација-порно
Последниот албум „Љубовта е за сите нас“ е издаден во 2009 година и тогаш се случи повторно шок. По човекојадецот Армин Мајвес и естетиката на филмот „Олимпија“ на Лени Рифенштал, на програмата дојде порно. Заедно со култниот режисер Јонас Акерлунд, бендот го сними синглот „Руси“, порнографски филм во еден берлински клуб. Проста, наивна провокација? Паул Ландерс вели:
„Немам никаква лукава теорија за тоа зошто од порното направивме видео. Тоа го направивме од глупост. Но, како звучи тоа во интервју? Ние сме доволно глупави за да го направиме тоа“, вели Ландерс.
Сојузниот завод за испитување на медиумските содржини кои ги загрозуваат младите, последниот албум на „Рамштајн“ го стави на црна листа. Поранешната министерка за семејство, Урсула фон дер Лајен, лично ја предаде тужбата. Ја вознемири садистичката фантазија во „Ти нанесувам болка“ и неколку фотографии на корицата. Уште од 1987 година никогаш еден комплетен албум на некој бенд не е ставен на црна листа, но целата постапка само му донесе реклама на берлинскиот бенд. Светската турнеја која следеше беше целосно распродадена, а кулминација беше концертот во њујоршкиот „Медисон сквер гарден’, кога за само половина час беа продадени сите 12 илјади влезници.
Автор: Ули Жозе Андерс / Ж. Ацеска
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска