1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Попоски: било какво решение за името, не смее да го загрози идентитетот

Силвера Падори-Кленке7 ноември 2014

Првиот македонски дипломат Никола Попоски за ДВ говори за германската иницијатива на Балканот, за решение за името кое не смее да ги загрози македонските идентитетски параметри, за можното гласање за името во ОН

https://p.dw.com/p/1DifM
Фотографија: Silvera Padori-Klenke

ДВ: Г. Министре, по конференција за Западен Балкан што во август ја иницираше канцеларката Меркел во Берлин, за регионот по шести пат се дискутираше и на средбата организирана од Аспен инсистутот. Какви се вашите впечатоци од конференцијата и од разговорите кои ги водевте со германските пратеници и претставници на германската влада?

Попоски: Се чувствува дека во Берлин има раздвижување во позитивна насока. Германија не сака да го остави регионот препуштен сам на себе и сака да остане ангажирана. Тоа се однесува и на Македонија. Извесно е и дека Германија треба да помогне во надминувањето на различните спорови, вклучително и оној кој нас шест години не блокира. Беше споменат и фактот дека чувството во Германија е дека некогаш се преценуваат и можностите за влијание и надминување на проблемите. Но, од друга страна Германија сепак има докажано дека помага да се изнајдат решенија во повеќе деликатни проблеми во самата Европа и во нејзиното опкружувањето. Очекувањата тука во Берлин, но и во регионот и воопшто во Македонија се дека таков еден ангжман може да биде позитивен и да помогне во придвижувањето на целиот тој процес, макар траел и повеќе од пет години, како што беше упатено од страна на Јункер. Сепак, ние треба во меѓувреме да надминуваме проблеми и да ги доближуваме земјите до Европската унија.

ДВ: Кои се вашите очекувања од германската иницијатива?

Попоски: Германија сака да биде активен партнер и сака да помогне во надминување и на билатералните проблеми и во задржувањето на темпото на реформи и приближување кон Европската унија. Не можеме да се надеваме дека само со еден ангажман ќе се надминат пречките и спротивставувањето од страна на земјите членки внатре во Европската унија. Но, доколку е вклучена сметам дека улогата на Германија може да биде само позитивна, бидејќи алтернативата да ги водиме европските интеграции за Балканот без Германија - би била речиси сигурно безуспешна!

Конструктивност и отстапки

ДВ: Поради спорот со името со Грција, Македонија и понатаму останува блокирана. Во која насока се движи дипломатската иницијатива за решавање на проблемот и колку е вистински ангажирана Германија, со оглед што по разговорите на Меркел со преговарачот Нимиц, јасно е дека Берлин не е само пасивен набљудувач?

Aspen Südosteuropakonferenz in Berlin
Германија може да помогне во решавањето на деликатни прашања. Министрите за надворешни работи Штајнмајер и ПопоскиФотографија: Silvera Padori-Klenke

Попоски: Веројатно пасивен набљудувач е најдобрата дефиниција за вториот актер во овој спор, односно оној кој ни го има наметнато. Ние мораме на некој начин да ја заинтересираме Грција и да имаме дијалог кој би се пренел и на полето на надминување на наметнатиот спор со името. Зашто со Грција имаме одлична соработка на многу полиња – економија, туризам, културни и човечки контакти и сл. Грција очигледно во овој момент е дефокусирана, но мислам дека и таму, а и во Германија, како и во Македомнија е извесно дека за конечно надминување на спорот потребен е повеќе од еден заинтересиран актер.

ДВ: Последниве недели повторно имаше шпекулации дека решението за името се надзира и останува да се реши само каде би стоела географската одредница. Во оптек беше опцијата Република Горна Македонија. Дали и кои се црвените линии до кои македонскиот државен врв е подготвен да направи отстапки, зашто очигледно, а тоа го потврдуваат и македонските политичари, некаков компромис ќе мора да се направи?

Попоски: Не само последниве недели, туку последниве двасеттина години има редовни шпекулации дека се надзира едно, друго или трето решение. Не мислам дека треба да се потпираме на тоа. За нас е битно дека Македонија навистина искрено и отворено има интерес за надминување на овој единствен проблем кој го сопира членстото во ЕУ и НАТО, поради што плаќаме и економска и политичка цена и не успорува во можностите да имаме напредок. Ние сме заинтертесирани и ќе вложуваме и натаму напори за решение. Воедно е јасно дека било какво решение не смее да ги загрози македонските идентитетски параметри. Не смее да дојде до промена на уставот - со цел промена на уставното име и клучните параметри за кои сме утврдиле дека не може да бидат предмет на уцена и пазарење, а не се такви за сите други земји во светот. Мислам дека Македонија има покажано дека може да биде многу повеќе од самоконструктивна, со тоа што има прифатено прилично навредливо именување во Обединетите нации и ред други отстапки за кои сега не би сакал да се навраќам. Во овој момент навистина ни требаат и соговорници во Атина, но и клима во која нема да бидеме жртва на една наметната блокада, која не спречува да бидеме дел од Европската унија и НАТО.

ДВ:Од време на време се слушаат забелешки дека меѓународната заедница треба повеќе да се позанимава со спорот околу името и да ги притисне двете страни да донесат решение. Не е ли ова опасна опција? Не постои ли ризик во таквиот случај: меѓународната заедница повторно да наметне име кое Македонија не го посакува? Хипотетички: што би се правело во тој случај?

Matthew Nimetz Besprechung
Притисокот е секогаш врз послабата страна. Министерот Попоски со посредникот за името НимицФотографија: MIA

Попоски: Притисокот е секогаш врз послабата страна. Многу е полесно да се направи притисок врз Македонија која е надвор од ЕУ, отколку кон некој кој е внатре како Грција. Особено врз некој кој се има докажано како не особено флексибилен кон голем број прашања. Сметам дека не смееме да дозволиме да се притиска за било што - што е надвор од меѓународно-правните рамки и што не соодвествува со оние вредности кои истата таа меѓунароидна заедница ги промовира. А, тоа се:правото на самоопределување, на почитување на основните човекови права, на почитување на правото на самоидентификација. Бидејќи ако се гази врз тоа, тогаш всушност се газат и самите идеи за евро-атлантската интеграција. Верувам дека никој нема интерс тоа да го прави!

Гласањето во ОН не е исклучено?

ДВ:
Во ваквиот ќорсокак, дали македонската дипломатија размислува и на опцијата гордиевиот јазол околу името на државата да се пресече онаму каде што се сплетка: во Обединетите нации? Со оглед што 133 држави ја имаат признато Македонија под уставното име, колку е реално и возможно во Обединетите нации повторно да се побара гласање земјата да биде прифатена како Република Македонија?

Попоски: Било какво решение во рамките на Обединетите нации кое би требало да мине преку Советот за безбедсност, каде и претходно е расправано, подразбира добра волја и конструктивност и од петте постојани членки на Советот за безбедност: Америка, Велика Британија, Франција, Русија и Кина. На македонска страна е и фактот што Меѓународниот суд на правдата, највисокото правно тело во Обединетите нации, веќе има пресудено дека блокадата на Македонија во НАТО од 2008 година, а со тоа и блокадите во Европската унија, се кршење на Времената спогодба и на меѓународното право. Останува да видиме колку е тоа фактор за загриженост на оние кои го промовираат тоа меѓународно право во свтски рамки, а впрочем и самата Грција која често го користи тој аргумент.

ДВ:Значи ли ова дека гласањето за уставното име на Република Македонија, може повторно да се актуелизира пред Обединетите нации?

Попоски: Ниту една опција не треба и не може да биде исклучена!

ДВ: Од пред неколку дена на должност е новата Европска комисија предводена од Јункер, во која Австриецот Јоханес Хан во наредниве пет години ќе биде задолжен за соседските односи и разговорите околу проширувањто. Кои се вашите очекувања од новиот комесар во однос на Македонија?

Westbalkan Konferenz 05.11.2014 Berlin
Шефовите на дипломатиите на земјите од Западен Балкан ја имаат германската поддршка во доближувањето до ЕУ.Фотографија: picture-alliance/dpa/B. von Jutrczenka

Попоски: Јоханес Хан ќе биде комесар во Комисија каде претседател е Јункер и кој јасно кажа дека следуваат пет години без проширување. Но, во ниту еден момент тој не кажа дека ова се пет години во кои ќе биде замрзнат процесот на преговори и приближување на земјите кон Европската унија. За нас не е толку голем проблем што во наредниве пет години нема да се донесе одлука за нови членства во ЕУ. За нас поголем проблем е доколку на почетокот на тие пет години, Европската унија не се зафати со водење легитимен дијалог за приближување до ЕУ и не се зафати со надминување на блокадата која многу го чини европскиот процес. На сите им’ е јасно дека уште во 2009 година, со првата препорака е направена сериозна грешка и пропуст. Се влезе во сериозна замка да не се почитува препораката на Комисијата. Со секоја наредна година се’ да стане покомплкикувано и покомпликувано, Тоа што веќе шеста година го имаме како оценка на Комисијата, дека доколку не се почне со преговорите сериозно се загрозува кредибилитетот на процесот на проширувањето, сметам дека во однос на Македонија - веќе е и загрозен!

Нема руски амбиции во регионот

ДВ: Г. Министре, во еден вакуум простор за македонското членство во ЕУ, колкаво е влијанието и стартешкиот интерес на Русија за регионот? Може ли тоа да биде во прилог на земјата и проширувањето?

Попоски: Русија во ниту еден момент нема искажано конкретни амбиции за регионот на Балканот кои би можеле да бидат преточени како алтернатива на интеграциите во Европската Унија. Русија е сепак многу битен и економски геостратешки партнер на Европа, макар и во услови во кои постои конфронтација и разидување по сериозни прашања. Доколку навистина би постоела било каква алтернатива за земјите од регионот и впрочем и за Македонија, поучена од минатите пропусти, Европската унија веројатно веднаш би ги внела земјите во својот систем. Со самиот факт дека тоа не се случува, очигледно дека таквите оценки се повеќе шпекулација, отколку реалност на теренот.

ДВ:
За крај уште едно прашање околу соседството. До каде е стасано со Договорот за добрососедски односи со Бугарија?

Попоски: Минавме многу рунди и има сериозен напредок. Го достигнавме нивото на изјави за согласност од страна на двајцата претседатели: Иванов и Плевнелиев. Тој процес беше застанат поради изборите во Бугарија. Во секој случај, по формирањето на владата во Софија, наш интерес е да продолжиме на продлабочување на билатералните односи со Бугарија и во тој контекст - и надминување на сите оние прашања кои ни беа наметнати.