1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Помош им е потребна на повеќе од 11 милиони Сиријци

Сара Бернинг / ЕМФ13 март 2015

Хуманитарните организации му префрлаат на СБ на ОН дека сосема потфрлил во кризата во Сирија. Нивниот извештај гласи „Failing Syria“. Роберт Линднер од организацијата Оксфам објаснува колку е тешка состојбата во земјата.

https://p.dw.com/p/1EpHu
Фотографија: Reuters/Hosam Katan

Дојче веле: Пред четири години почнаа протестите против режимот на Асад во Сирија, а нешто потоа и граѓанската војна. Драматичната состојба на луѓето сега уште повеќе се влоши. Зошто?

Роберт Линднер: Борбите во Сирија не престануваат, напротив - има се‘ повеќе луѓе меѓу фронтовите и до нив одвај може да стигне некаква хуманитарна помош. Во дел од соседните земји има зголемени тензии меѓу тамошното население и бегалците кои конкурираат за работа и во пристапот кон здравствени услуги и образование. Така е на пример во Јордан, каде секој четврти жител е сириски бегалец. Таму, како последица на огромното доселување, економијата и социјалните безбедносни системи се под екстремен притисок. Голем дел од домашното население е погодено исто така од сиромаштија. За жал, сведоци сме дека некои земји како Либан, Јордан или Турција се‘ повеќе ги затвораат границите и воопшто не пуштаат голем дел од бегалците да влезат кај нив. Овие луѓе се особено загрозени и добиваат малку хуманитарна помош.

Зошто хуманитарната помош не стигнува онаму каде што е потребна?

За среќа, нашата помош по правило стигнува до оние на кои им е најмногу неопходна, на пример постројки за вода за пиење, тушеви, хигиенски производи или - особено надвор од големите бегалски кампови во Јордан или Либан - пари за храна или сместување. Во Сирија мерките за помош се спречени пред се‘ од растечката несигурност, насилството и своеволните напади, меѓу другото и врз хуманитарните работници. Хуманитарната помош постојано се запленува од страна на екстремистички борци. Кон тоа треба да се додаде понекогаш претераната бирократија, на пример во делот на влез во Сирија и движењето на хуманитарните работници низ земјата, како и во делот на транспорт на помошта.

Porträt - Robert Lindner
Роберт ЛинднерФотографија: privat

Колку луѓе се директно погодени од војната?

Повеќе од 11 милиони луѓе - повеќе од половината сириско население - се упатени на хуманитарна помош. Околу 7,6 милиони се внатрешно раселени лица кои бегаат од насилство, 3,7 милиони се избегани во странство. На крајот од 2013 година три четвртини од населението кое остана во Сирија живееше во сиромаштија. Во градовите кои се под опсада живеат 200.000 луѓе, страдаат од глад и немаат доволно вода за пиење.

Состојбата на бегалците од Сирија и Ирак во соседните земји е видливо влошена, веројатно поради се‘ поголемите бегалски бранови. Мора ли на земјите кои примаат бегалци да им се вети поголема помош за сместување на овие луѓе?

Да, во секој случај. Во странство се веќе избегани повеќе од 3,7 милиони Сиријци. Не е за чудење што соседните земји како Јордан, Либан и Турција имаат големи проблеми да сместат толкав број луѓе. Споредено со товарот што на пример мора да го носи една малечка земја како Либан, богатите држави, на пример во Европа, кај себе имаат примено премал број сириски бегалци. Оксфам и други невладини организации затоа од богатите земји надвор од регионот бараат дозвола за прием на пет проценти од сите регистрирани сириски бегалци. Германија - мерено според големината и економската сила - има примерно најголем број сириски бегалци, но бројот треба да биде уште поголем. Германија порано, за време на Балканските војни, докажа дека е во состојба за такво нешто.

Роберт Линднер е референт за хуманитарни кризи во хуманитарната организација „Оксфам Германија