Помош за жртвите на „Исламската држава“
10 август 2014Помошта од САД и Велика Британија е наменета за илјадници раселени жители, кои се засолниле на планината Синџар. Американскиот претседател Барак Обама синоќа (9.08) вети дека со воздушните удари ќе им се помогне на цивилите, припадници на верската заедница језиди, кои џихадистите ги опколија во планинскиот реон, но нагласи дека нема брзо решение за новонастанатата криза. Во текот на вчерашниот ден биле извршени четири напади врз припадници на Исламска држава, при што се уништени оклопни возила и камиони.
Велика Британија го поддржува погоденото население во регионот на Синџар, со доставување храна и вода преку два воени транспортери. Притоа од воздух се доставени и шатори, филтри за вода, полначи за телефони на соларна енергија и светилки на соларна енергија. Од британското Министерство за одбрана информираа дека помошта била доставена во текот на ноќта. За разлика од САД, Велика Британија во моментов нема планови за воена интервенција. Британската влада, преку Одделот за меѓународен развој, во петокот (08.08.) одобри 10 милиони евра итна хуманитарна помош за Ирак.
Франција се очекува подоцна денеска да ја испорача својата прва помош. Во Багдад денеска пристигна францускиот министер за надворешни работи Лорен Фабиус. Тој таму започна разговори со ирачките функционери за зголемени напори и соочување со милитантите од „Исламската држава“, кои напредуваат освојувајќи цели региони на северот на Ирак. Фабиус подоцна би требало да отпатува на разговори и во курдскиот регионален главен град Арбил за дополнителни разговори.
Вчера (09.08.) францускиот претседател Франсоа Оланд разговараше со премиерот на регионалната курдска влада Масуд Барзани, уверувајќи го дека Франција „ќе стои зад цивилната популација, која е жртва на континуираното протерување од страна на 'Исламската држава’“.