1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Политички пресинг на Приштина врз Белград

15 септември 2011

Можно е Приштина да го одложи за утре (16.09) најавеното преземање на граничните премини кон Србија, но нема да се откаже од тоа. Српските аналитичари укажуваат дека најслабата точка на Белград се односите со НАТО.

https://p.dw.com/p/12ZaL
Косовскиот премиер Хашим ТачиФотографија: AP

Состојбата на северот на Косово ќе остане тензична и по 16. септември, оценува за Дојче веле аналитичарот Душан Јањиќ. Препоставувам дека во наредните денови ќе следуваат обиди за маневрирање, за да се избегне директна конфронтација, вели Јањиќ.

„Она што јас можам да го забележам е дека не постојат сериозни преговарачки напори на Белград кон НАТО. Тоа во моментов е најслабата точка. Тоа е непредвидлив момент и на таа релација може да се појави насилство. Од друга страна, не очекувам демонстрација на сила од косовските власти. Состојбата е во нивна полза и тие постојано ќе вршат притисок, ќе поставуваат куси рокови и евентуално ќе се согласат на продолжување за неколку денови“, проценува Јањиќ.

Одлагање, но не и откажување

Невен Цветичанин од Институтот за општествени науки смета дека е најреално Приштина да го одложи преземањето на премините, но дека нема да се откаже од нив.

„Стратегијата на Приштина ќе биде константен притисок врз српската одбрана. Буквално како во фудбалот, некој вид на пресинг и чекање евентуално Србија да ги загуби нервите и да стори некој погрешен чекор“, вели Цветичанин.

Кревање раце од Косово?

Kosovo Serbien Grenze Grenzposten verwüstet
Судирот за граничните премини трае од јули годинаваФотографија: dapd

Српските политичари изминативе денови даваа песимистички изјави во врска со состојбата на Косово. Според Јањиќ, тоа може да се толкува и како „кревање раце од Косово“.

„Сега е само проблем кој ќе биде обвинет за тоа. Значи, сега е виновна меѓународната заедница, а не нашата политика. Но, нивните изјави можат само да ги демотивираат Србите и да го ослабат нивното влијание врз Србите на северот и всушност да бидат поттик за насилство. Поради тоа, тие мораат сериозно да размислат за значењето на нивните изјави, и второ да не заборават дека Хашкиот трибунал се’ уште работи. А ние знаеме како функционира меѓународната заедница со оние политичари кои работат против неа“, заклучува Јањиќ.

Автор: Ивица Петровиќ/ Борис Георгиевски

Редактор: Александра Трајковска