Политичарите се поклонија пред жртвите од двата Илиндена
2 август 2011„Успеавме да ја сочуваме тешко стекнатата слобода и продолжуваме да се бориме за правата на сите свои граѓани, пред сe, правото на своето име, идентитет и достоинствен живот во Република Македонија како дел од обединета Европа“, порача македонскиот претседател Ѓорге Иванов пред споменикот на првиот претседател на Президиумот на АСНОМ, Методија Андонов - Ченто во Скопје.
„Денес, кога прославуваме 108 години од првиот, 67 години од вториот Илинден, во годината кога славиме две децении од третиот Илинден, не можеме а да не го погледнеме нашиот историски изоден пат со искрена почит и достоинство, со силна посветеност и нескриено чувство на гордост и решителност“, рече Иванов.
„Македонски народе, ние не сме дрво без корен, нашата борба за слобода и напредок е заснована на историски континуитет на преплетување на идејните вредности на двата Илиндена, на избликот на националниот креативен потенцијал, на пркосот на духот желен за слободарство, на храброста запечатена со победа“, изјави премиерот Никола Груевски на прославата во Меморијалниот центар „Пелинце“. Според Груевски, вториот Илинден ги внесе во себе цивилизациските придобивки на првиот, ги надгради и ги оствари.
Резултатите од НОБ, истакна Груевски, се пример за заслужена победа со сопствени сили, залагања, самооткажувања, со многу предизвици, со многу енергија, љубов и патриотизам за на крај да се стави печат на триумфот, за да се вброи македонската нација во редот на нациите великани кои му ставија крај на хитлеровото злодело...“
Вељановски на Мечкин Камен
Освен 108-годишнината од Илинденското востание, оваа година, како што нагласи претседателот на Собранието Трајко Вељановски на прославата на Мечкин Камен, Македонија прославува и две децении од својата независност.
„Погледнувајќи наназад кон времињата кога овој собир бил само сон на македонските револуционери, не можам а да не изразам големо задоволство и среќа за успехот на Македонија и македонската кауза!“, истакна претседателот на Собранието.
Својот говор Вељановски го заврши со следната порака.
„Некогаш ќе се случи и она кон што се стремиме и во што беспоштедно се вложуваме да не го оствариме во нашиот животен век, но не смееме поради тоа да се откажеме или поколебаме. Не секогаш тој што го посеал семето го бере и плодот кој ќе се роди! Потребни беа речиси 90 години за Македонија да стане независна држава од кревањето на Илинденското Востание“.
Автор: БГ/ЖА/миа
Редактор: Жана Ацеска