1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Позицијата на НАТО кон Русија треба да биде добро промислена одлука

Горан Чутаноски21 август 2008

Избрзани и емоционални одлуки би биле погрешни во овој момент - оценува германскиот пратеник Ханс Улрих Клозе во интервју за Дојче Веле.

https://p.dw.com/p/F0t1
Ханс Улрих КлозеФотографија: picture-alliance/dpa

„Одлуката на министрите за надворешни работи на НАТО во врска со ставот кон Русија не смее да биде избрзана. Би било политички неодговорно да се крене прстот само кон едната страна во конфликтот“ - посочува Ханс Улрих Клозе, германски парламентарец и заменик претседател на Комисијата на германскиот Бундестаг за надворешно политички прашања. По повод денешната (20.08.2008) кризна седница на НАТО министрите за надворешни работи, во интервју за ДВ, тој уште вели:

„Во секој случај би било разумно да не се носат никакви избрзани решенија, кои би имале одредено количество емоционалност во заднина, но кои би можеле да имаат далекусежни и крупни последици. Се наоѓаме во фаза во која многумина, не само политичари и министри, туку и коментатори во медиумите зборуваат за можноста од доаѓање на нова студена војна. Некои состојби можат и да се привикаат преку зборување во таа насока и според мене во овој случај тоа би било многу погрешно. Згора на тоа морам да кажам и дека не можам, а да не признаам оти до ден денес не знам баш точно што се случило во Грузија. Би било невнимателно да се покаже со прстот само на една страна во судирот и од тоа да се извлекуваат заклучоци.“

На прашањето како го коментира неединството во НАТО околу позицијата кон Русија, Ханс Улрих Клозе, инаку од германската социјалдемократска партија, оценува: „Ајде на кратко да се осврнеме на суштината на целата приказна. По завршувањето на студената војна видовме дека остана само една супер сила, бидејќи другата едноставно ја немаше повеќе. Тоа донесе соодветни последици за Русија, исто така за САД, а и за Европа имаше одредени последици и тоа многу позитивни. Што се случува сега? Русија за жал повторно се појавува во улога на супер сила и на Американците, спроед моја проценка, многу тешко им паѓа тоа да го прифатат, фактот дека не се повеќе единствена супер сила во светот, туку дека во меѓувреме има и други: тука се и Кина, Индија, Русија, можеби во идинина и Бразил. Се појавува нова констелација и таа не може да се доведе во ред преку некое ад-хок решение, туку таа бара интензивно размислување“ - оценува Ханс Улрих Клозе, пратеник на СПД во германскиот парламент и потпретседател на Комисијата за надворешна политика.