Позитивен одглас на изненадувачката вест од Пекинг
26 април 2008Кинеската телевизија веста за понудата за преговори со претставници на Далај Лама ја соопшти синоќа. Многу весници денеска ја објавија на насловните страници. Сепак, многумина жители на Пекинг беа изненадени:
„Немам поим.“„Ништо не сум слушнал за тоа.“
Меѓутоа, она што е важно е што, за разлика од пранешните разговори, овојпат кинеската јавност беше известена. Во кусата форма во која ја пренесе државната агенција Хсинхуа, иако останува непознато кој е владиниот извор. Според агенцијата Асошиетед прес, службениците во кинеското министерство за надворешни работи немале никакви информации за понудата за преговори, подеднакво како и бирото за меѓународни односи.
Можно е претседателот на Европската комисија Жозе Барозо, кој се наоѓа во посета на Пекинг, да бил еден од првите што дознал за ваквиот развој.
ЕУ го подржува територијалниот интегритет на Кина
Само што започна заедничката прес-конференција со Барозо, кинескиот премиер Вен Џиабао изјави: „Го информирав претседателот Барозо за ситуацијата во Тибет и со кинеската позиција во врска со тоа.“
Барозо пак, рече: „Се надевам набргу да видиме позитивен развој. Јас повторив дека Европската унија ги поддржува територијалниот интегритет и единството на Кина. Тоа се разбира, се однесува и на Тибет.“
Неколку часа потоа уследи понудата за преговори на Кинезите. Барозо ја поздрави и изјави дека Далај Лама сега има простор за дијалог ако му е до културниот и религиозниот идентитет на Тибет во рамките на Кина.
Прашање на единство
И реакциите на пекиншките граѓани покажуваат што е она за што владата на Кина во никој случај нема да преговара:„Вие Европејците често велите дека прашањето на Тибет е прашање на човековите права. Тоа не е така. Тоа е прашање на единството на нашата земја. Преговорите се преговори. Не може да се каже – Тибет треба излезе од Кина. Голем Тибет – тоа се седум провинции во кои живеат тие.“
Политичарите во светот понудата на Пекинг позитивно ја оценија. Германската канцеларка Ангела Меркел искажа надеж дека ќе се отвори пат за мирно и успешно одржување на олимписките игри. Повеќе претставници на американската влада најавата од Пекинг ја оценија како охрабрувачки чекор. Францускиот претседател Николас Саркози подвлече дека сега е неопходно вистина да започне дијалог и да се смири ситуацијата на Тибет.