1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Поделба на Косово – нова граница и нова омраза

7 февруари 2012

Дипломатот Ерхард Бусек им порача на Србија и Косово да размислат за размена на територии, но таа идеја е опасна и осудена на неуспех, сметаат претставници на Србите и Албанците.

https://p.dw.com/p/13yV8
Албанците од Прешевската долина најавуваат присоединување кон Косово, ако тоа се поделиФотографија: AP

Поранешниот координатор на Пактот за стабилност за Југоистична Европа Ерхард Бусек неодамна рече дека Косово и Србија треба да започнат разговори за поделба и размена на територии, така што „Прешевската долина ќе се спои со Косово, а северот на Косово со Србија“, со што според неговите зборови би се обезбедило одржливо решение за Балканот.

Ранѓел Нојкиќ, претседател на косовскиот комитет „Српско движење за обнова“ вели дека кога станува збор за евентуална поделба на Косово, треба да се чуе гласот на Србите од двете страни на Ибар. Никој не ги праша Србите јужно од Ибар што тоа значи за нив.

„Сметам дека тоа е луда идеја и дека ќе отвори дополнителни проблеми, коишто ќе предизвикаат можеби и крвопролевање. Мислам дека никој, па ниту претставниците на меѓународната заедница, немаат право на таква авантура и ги туркаат луѓето во нешто што би предизвикало нови проблеми, не само на просторот на Косово, туку и на Балканот. Сметам дека тоа е апсолутно неприфатливо за Србите од оваа страна на Ибар“, вели Нојкиќ.

26.11.2004 Journal Interview Erhard Busek
Идејата на Ерхард Бусек за поделба на Косово е оценета како луда и како предлог што може да направи проблеми на БалканотФотографија: dw-tv

Пандорина кутија и услови за домино ефекти

Потсетувајќи дека поделбата на Косово е опасна, бидејќи ја отвора Пандорината кутија и може да предизвика домино ефект, Азем Власи – поранешниот висок функционер во СФРЈ, смета дека излезот од ваквата состојба е во планот на Марти Ахтисари. Проблемот е во тоа што Србија формално не го прифати планот на финскиот дипломат.

„Се‘ до сега се вртат околу тоа. Сакаат да го прифатат планот, но да не се вика ’Четирите точки на Борис Тадиќ’. Нема друго решение, кое не би предизвикало големи потреси и повторно да не се удри од глава пред се’ на Србите. Единствено можен е планот на Ахтисари и она што Уставот на Косово го утврди и предвиде согласно со тој план“, смета Власи.

Живоин Ракочевиќ, познавач на косовските прилики, за евентуалната поделба на Косово во овие, но и во сите претходни времиња гледа повод за „хаос, лудило и самоубиство“.

„Значи, не се гледа ниту една нормална причина зошто на крајот од краиштата со дезинтеграција и војни би се воведувала некоја нова микро граница, којашто би била фабрика за омраза. Имаме доволно граници на Балканот кои генерираат омраза на сите страни, за сега некоја нова граница да ни означи врв на таа омраза и тоа лудило. Тврдам дека не постои полоша идеја од идејата за поделба на Косово. Мора да се стави крај на поделбите и мора да се прифати минимум интеграцијата без која ние не би можеле да живееме подносливо, не смеам да кажам нормално“, забележува Ракочевиќ за ДВ.

Нема политичка поддршка за поделба на Косово

Нојкиќ истакнува дека ниту САД, каде што престојуваше деновиве заедно со Србите од северот на Косово, не ја поддржуваат поделбата. Нојкиќ смета дека тензиите на северот се причина што токму сега се пласира оваа идеја на Бусек.

„На создавањето проблеми на северот од Косово не влијаеше само Србија, односно само Косово. За тоа се одговорни и претставниците на меѓународната заедница, кои се свесни за целокупната ситуација, дури и за криминалните активности“, смета Нојкиќ.

Pristina Kosovo
Аналитичарите сметаат дека не постои политичка поддршка за поделба на КосовоФотографија: picture-alliance/dpa

Живоин Ракочевиќ не знае зошто токму сега се јавува идеја за поделба, која како што вели е однапред осудена на неуспех, бидејќи ја нема клучната политичка поддршка.

„Колку што ми е познато, светските релевантни организации и сили се повлекоа од таа идеја. Често на многу луѓе им е важно да бидат присутни, потенцирајќи одредени идеи кои не се добри. Не ми е јасно зошто сега се отвара таа идеја, кога таа едноставно е осудена на неуспех“, забележува Ракочевиќ.

Власи ја разбира реакцијата на Албанците од Прешевската долина, кои изјавија дека тие ќе се припојат кон Косово, во случај на остварување на идејата на Бусек.

„Се додека во Белград се кажува дека Србите на северот не сакаат да живеат во државата Косово, туку во Србија, тогаш најмалку што можат да направат Албанците од Прешевската долина е да се огласат и да кажат – пардон, но што се однесува до тоа, ние не ни сакаме да живееме во Србија, туку во државата Косово“, оценува Власи.

Автор: Рефки Алија / Александар Методијев

Редактор: