1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Поддршка за Авганистан од членките на Јадранската повелба

15 декември 2010

Денеска во Скопје се сретнаа високи претставници на земјите членки од Јадранската повелба во состав А5. Клучна тема при тоа беше ангажманот на земјите од регионот во обуката на авганистанската војска и полиција.

https://p.dw.com/p/QcB7
Домаќинот на средбата, македонскиот министер за надворешни работи Антонио МилошоскиФотографија: DW

Регионалната соработка, нејзиното зацврстување и понатамошно обезбедување на отворена врата на Северноатлантската Алијанса за членство на земјите кои тоа го сакаат и можат, приоритетите и главните предизвици по самитот во Лисабон, со кои се соочува Алијансата на глобално ниво, како и најважните потреби на мисијата ИСАФ во Авганистан - ова беа темите на кои денеска на средбата во Скопје, дискутираа шефовите на дипломатиите на земјите-членки на Јадранската повелба. На неа беа присутни за Македонија Антонио Милошоски, за Црна Гора Милан Рочен, за Албанија Едмонд Хаџинасто, за Босна и Херцеговина заменик-министерот за надворешни работи Бранислав Мандиќ, хрватскиот државен секретар за евроинтеграции Андреј Пленковиќ, како и американскиот амбасадор во Македонија Филип Рикер. На поканата за присуство како набљудувач се одзва в.д. министерот за надворешни работи на Косово Влора Чајки, но не и шефот на дипломатијата на Србија Вук Јеремиќ.

Afghanistan Konferenz - Treffen Antonio Milososki und Hamid Karzai
Поддршка за авганистанските сили: Милошоски со авганистанскиот претседател Хамид Карзаи (на поранешна средба)Фотографија: Dragan Todorovski

Добар пример за регионална соработка

Заеднички е констатирано дека ваквата регионалната соработка, претставува многу корисен пример за регионот, кој доби голема придобивка и со членството на Хрватска и на Албанија во НАТО, како и со „де факто“ припадноста на Македонија во Алијансата, но и со придвижувањето напред на БиХ и на Црна Гора.

„Присуството во Авганистан не е доволно само во воена и безбедносна форма, туку е потребно секоја земја што има капацитет да го зајакне и цивилното присуство или со обучувачи на авганистанската полиција и армија, бидејќи главната цел не е само постигнување на стабилност во одредени кризни подрачја, туку трансформација и пренесување на главната одговорност за безбедноста на Авганистан на тамошните безбедносни сили“, изјави министерот Милошоски пренесувајќи ја оценката од дискусијата на средбата.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Горан Чутаноски