1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Подготвена ли е бугарската армија да одговори на украинската криза?

Георги Папакочев / Александар Методијев7 мај 2014

Дали бугарската армија е во состојба соодветно да одговори на предизвиците кои произлегоа по припојувањето на Крим од Русија и кризата која изби во Украина? Може ли противвоздушната одбрана да реагира соодветно?

https://p.dw.com/p/1Bufm
Фотографија: BGNES

За време на последната посета на Софија, генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен ја посоветува Бугарија да престане да го намалува буџетот за одбраната и да инвестира во модернизација на својата армија. Зборовите на Расмусен не беа случајни. Стратегиската ситуацијата во црноморскиот регион е значително променета по припојувањето на Крим од страна на Русија. Тоа, според експертите, ќе има последици и за земјите во регионот. Еден пример: Руските балистички ракети „Искандер“, кои се распоредени на полуостровот Крим, имаат дострел од 400 километри и го покриваат како јужниот дел на Украина, така и целото крајбрежје на Романија плус значителен дел од црноморскиот дел на Турција. Дали бугарската противвоздушна одбрана е во состојба да реагира на таквата потенцијална опасност?

„Сами не можеме да се справиме“

„Не, нашата земја не поседува такви средства“, категоричен е генералот во резерва С’би С’бев, кој ја завршува своета воена кариера како воен претставник на Бугарија во главното седиште на НАТО во Брисел.

Руските ракети можат да бидат пресретнати од страна на американските ракети „Патриот“, руските „Ц-300“ и системите „Иџес“, кои сега се распоредени на американски бродови кои патролираат во Црното Море. Но, според Конвенцијата од Монтре, овие бродови можат да останат во црноморските води максимум 21 ден.

Vorbereitung auf Militärparade Bulgarien Sofia
Експертите се убедени дека бугарската противвоздушна одбрана е застаренаФотографија: BGNES

И генералот во резерва Чавдар Червенков, кој е поранешен раководител на Военото разузнавање, оценува дека бугарските противвоздушни средства се застарени.

„Според некои оценки, бугарските средства за противвоздушна одбрана за жал се прилично застарени. Имам јаки сомнежи дека располагаме со системи кои можат да им се спротивстават на современите руски ракети. Сами не можеме да се справиме“, вели генералот Червенков во интервју за Дојче веле.

Модернизација – само кога ќе згусти

„Проблемот кај нас е што се сеќаваме на модернизација на вооружените сили само тогаш кога состојбата почнува да станува сериозна. За да зборуваме за ефективна противвоздушна одбрана таа треба да е резултат на долгогодишна програма. Во нашата морнарица постојано се наметнуваат ограничувања, главно од финансиски причини. За луѓето од флотата да бидат подготвени тие треба да располагаат со соодветни средства и да пловат одреден број на денови во годината, да учествуваат на стрелби и други морски вежби. Финансиските средства, недостатокот од гориво и техника го попречуваат тој процес. Така, имаме релативно амортизирана и застарена опрема, која за жал е комбинирана со недобро трениран персонал“, признава генералот Червенков.

Генералот С’бев смета дека НАТО би требал да создаде постојана оперативна група од 6 до 7 бродови на трите црноморски членки во Алијансата – Турција, Романија и Бугарија, кои треба да демонстрираат постојано присуство во регионот.

Vorbereitung auf Militärparade Bulgarien Sofia
Генералот С’бев укажува дека бугарската армија е сериозно деградиранаФотографија: BGNES

Во Источна Европа одново се заговара повторно воведување на воениот рок. Треба ли и Бугарија да размисли за тоа? Генералот Червенков наведува неколку факти поврзани со ова прашање:

„Недостигот на финансиски средства со години врши притисок за намалување на бугарската војска. Постепено воениот рок почна да се намалува од 18 на 15, па дури и на 9 месеци, а имаше и периоди кога војниците за секаков повод беа пуштани дома, оти немаше со што да се хранат во касарните. Така дојдовме до концептот за професионална армија. Денес повторно се зборува за враќање на задолжителниот воен рок, но може ли некој да каже колкав е контингентот на млади кои се погодни за служба во војската? Ако се докаже дека трошоците за таквата регрутна армија ќе бидат пониски од оние за професионалната, тогаш јас ќе гласам со две раце“, вели генералот Червенков.

Членот 3 од Вашингтонскиот договор за НАТО ги обврзува земјите-членки на Алијансата да ги развиваат своите воени способности и така да придонесат за општата одбрана.

„И покрај напорите кои се вложуваат, Бугарија се’ уште не одговара целосно соодветно на таквите барања. Поради нискиот буџет и големите кратења и големите скратувања гледаме сериозна деградација на способностите на армијата“, вели генералот С’бев.