Погледот на германското стопанство се врти кон Македонија
24 ноември 2011Како и претходно во Виена и Минхен, македонската делегација и во Диселдорф ги презентира компаративните предности што ги нуди Македонија со цел да ги убеди присутните претставници на германското стопанство дека Македонија е поволна дестинација за инвестирање германски капитал.
Груевски оптимист за инвестициите во следната година
По Форумот, премиерот Груевски искажа задоволство од тоа како поминала презентацијата и разговорите на сите три места. Тој не наведе ниеден конкретен пример на договорена зделка, но навести дека најмалку пет-шест фирми покажале повеќе од обично интересирање и дека фактички може да се очекува да бидат наредни инвеститори во Македонија.
„Не е битно дали станува збор за мали или средни претпријатија, или светски концерни кои би инвестирале во Македонија, битно е колку работни места би отвориле тие во Македонија“, изјави за Дојче веле премиерот Груевски. И покрај опасноста, Груевски смета дека нема да дојде до рецесија и економска криза во наредната година што би го попречило инсвестирањето во Македонија, посебно не кога е во прашање германското стопанство.
Германските стопанственици се заинтересирани за Македонија
Од германска страна е навестен конкретен интерес за ангажман во текстилната област-во Македонија да се прават производи на познати германски брендови за пазарите во Кина и Русија. Интерес постои и од областа на енергетиката.
Погледот од германското стопанство како навистина полека да се врти кон Македонија. На Форумот во Диселдроф на пример беше присутен и поранешниот германски сојузен министер за внатрешни работи Ото Шили, кој сега има консултантска фирма и за Дојче веле ја пренесе оценката дека условите што ги нуди Македонија би можеле да бидат интересни за германските стопанственици. Шили покрај енергетиката уште ги спомна и индустријата за преработка на земјоделски производи, како и хром и други суровини, како области во кои Германците би биле посебно заинтересирани.
Автор: Зоран Јордановски
Редактор: Ж.Ацеска