1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Повторно оживување на еден политички леш

Феликс Штајнер/превод: З. Јордановски10 март 2015

Претседателот на Комисијата на ЕУ Жан-Клод Јункер предложи формирање заедничка европска армија. Така очигледно сака да ја импресионира Москва. Но, тешко дека ќе му успее тоа, смета Феликс Штајнер.

https://p.dw.com/p/1EnlS
Фотографија: Bundeswehr/Vennemann

Дали Жан-Клод Јункер во своето биро нема книга за европската историја? Ако пак има, тогаш би требало некогаш да ја простудира главата за европската одбранбена заедница. Тоа е историја на тажен неуспех пред повеќе од 60 години.

Планот настана - интересна е паралелата со денешницава - со оглед на корејската криза: во јули 1950 година Северна Кореја, со кинеска помош ја нападна Јужна Кореја за да ја обедини земјата како комунистичка. Во Европа се страхуваше од слично нешто, па така се роди револуционерен концепт армиите на Франција, Италија, тогашната Западна Германија и на државите на Бенелукс да се изземат од националните рамки и да се стават под заедничка наднационална врховна команда. Мотото беше „Само заеднички сме силни и поединечни држави нема да бидат пресилни“ - првенствено мислејќи на Германија, кон која, неколку години по крајот на времето на Хитлер владееше голема недоверба.

На големите тешко им паѓа откажување од суверенитетот

Планот по само четири години се наоѓаше пред реализација, па сепак пропадна и тоа во парламентот на тогаш најмоќната од тие држави - Франција. Зошто? Оти „гран насион“ сепак не сакаше да се откаже од толку суверенитет. Освен тоа, акутниот страв од војна во 1950. година во април 1954. одамна беше спласнат.

Значи, дозволено е баналното прашање: Што би требало во Париз 2015. да е поинаку отколку во Париз во 1954. година? Како, на пример, Франција би го продолжила својот обемен воен ангажман во Африка, ако ЕУ треба да го каже своето мислење за сите детали? Никако! Би го дозволила ли тоа? Секако не! Предлогот на Јункер, значи, пропаѓа уште во стартот таму, каде еднаш веќе доживеа неуспех.

Кој би требало да решава за ангажман на германски војници?

Но, не е само Франција. Во споредба со сите парламенти во ЕУ, германскиот Бундестаг има најдалекусежни права за одобрување на воен ангажман на Бундесварот. Верува ли некој сериозно дека германските пратеници тоа право би го отстапиле на некоја институција на ЕУ - сосем се’ едно дали би бил Парламентот или Комисијата? Не, предлогот на Јункер нема шанса, покрај другото и затоа што неговото образложение е погрешно. Европската политика е неверодостојна и со заедничка армија би можело на Русија да и’ се покаже, дека сериозно се мисли кога се зборува за одбрана на европските вредности, тврди Јункер. Обратно погледнато дозволено е прашањето: што би било тогаш поинаку со некоја заедничка армија? Заедничка армија чиј ангажман категорично би бил исклуќчен уште на самиот почеток на кризата,не е повеќе ѕастрашувачка отколку 28 национални армии, чиј ангажман однапред е исклучен. Европската политика е неверодостојна првенствено оти европските политичар ипремногу често зборуваат со различен глас и не настапуваат единствено. Како на пример, кога мнозинството сака да го изолира Владимир Путин, а поединец сепак него го прима или го посетува!

И проблемот за воениот потенцијал на Европа не е во националното врзување на армиите. Ако државите на ЕУ денес се’ уште не можат самите да се бранат и уште посилно отколку во времето на Студената војна зависат до САД, тоа едноставно е затоа што никој не сака да издвои соодветна сума пари. Токму тоа го обелоденува аплаузот што Јункер го доби од германските социјалдемократи: заедничката армија би создала синергии и со тоа може да се заштедат многу пари; оти, всушност, се сака за безбедноста да се инвестираат уште помалку пари.

Малите држави веќе се многу понапред

ЕУ би можела многу да учи од нејзините помали земји-членки. Најголемиот дел од нив одамна своите трупи ги специјализираа за поединечни родови оружје, кое се користи во НАТО. Само големите држави како Франција, Германија, Италија, Шпанија и Полска се’ уште одржуваат мешани армии, кои умеат од се’ по нешто, но ништо вистински. Одамна постојат соодветни тела чија задача е натамошно унапредување на специјализацијата на трупите и поделбата на задачите на ниво на ЕУ и НАТО. Но, нивните резултати досега се скромни. Каприците на велесили на земјите со атомско оружје и право на вето во ОН спречуваат секаков напредок.

И, уште едно укажување на адреса на Јункер: речиси точно десет години стојат на располагање европските борбени трупи за брза интервенција во Европа, како и во кризни подрачја на Блискиот Исток и Африка. Одговорноста за нив по редослед ја преземаат поединечни земји, некои единици веќе се примерно мултинационално организирани. Само, за десет години тие трупи уште не беа никогаш ангажирани - токму, оти се’ е прашање на заедничка политичка волја.