Повторно безредија во Египет
5 февруари 2012Во Каиро демонстрантите фрлале со камења врз полицијата. Безбедносните сили пак, употребиле солзавец и гумени куршуми против учесниците во протестите. Ноќеска, според извештај на државната телевизија, во главниот египетски град била запалена зградата на службата за финансии. Во протестите против египетската влада кои траат веќе четири дена во Каиро и во Суец, според официјалните информации, досега загинале 12 луѓе. Повеќе од 1.200 луѓе се ранети. Причина за избувнувањето на демонстрациите беа безредијата за време на еден фудбалски натпревар во градот Порт Саид. Во нив во средата (01.02) загинаа 74 лица. Тоа беше една од најкрвавите недели од почетокот на бунтот против поранашениот властодржец Хосни Мубарак.
Во странство настаните во Египет предизвикуваат се‘ поголема загриженост поради можноста ситуацијата да излезе од контрола. Луѓето во земјата бараат побрзи промени. Комисија на владејачкиот Воени совет предложи забрзување на подготовките за претседателските избори со што би се овозможило номинирање на кандидатите од 23 февруари, а не од средината на април. Со тоа изборите би биле можни во април или во мај.
Автор: ЖА/ЕМФ/ дв/дпа/ртре
Редактор: Е. Милошевска Фиданоска