1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Повици за смиреност и разум по случувањата во Ѓорче Петров

СН/бг/миа/макфакс21 мај 2014

ОБСЕ и Хелсиншкиот комитет изразија загриженост поради насилните протести во Ѓорче Петров по убиството на младиот Ангел Петковски. ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ му изразија сочувство на семејството Петковски

https://p.dw.com/p/1C3tz
Фотографија: picture-alliance/AP Photo

Мисијата на ОБСЕ во Скопје преку соопштение изрази жалење за трагичната загуба на еден млад живот во Ѓорче Петров, по што следеа дводневни немири и повикува на смиреност и разум.
„ Ги следиме случувањата со голема загриженост. Знаеме дека властите го
испитуваат ова кривично дело, затоа сега е од исклучително значење да се
препуштат работите на истражните и судските органи, се вели во изјавта на
шефот на Мисијата, амбасадорот Ралф Брет.
Тој подвлекува дека е потребна солидарност со семејството на жртвата, а не насилни протести и уништување имот.
„ Во минатото граѓаните на оваа земја покажаа способност да се зближат во
тешки моменти. Ги повикуваме сите да се свртат кон овие вредности. Ниту една заедница не треба да носи колективна одговорност за делата на една
индивидуа“, порачува амбасадорот Брет во соопштението.

Хелсиншкиот комитет за човекови права изрази сериозна загриженост за ескалацијата на омразата на етничка основа која настана по убиството на младиот Ангел Петковски. „Омразата која беше забележана на протестите е еднакво застапена и кај младата и кај постарата популација, но беа забележани и сериозни повици за насилство врз албанската заедница што може да претставува основа за влошување на и онака кревките меѓуетнички односи“, велат од Хелсиншки. Од таму истакнуваат дека изминативе две години постојано предупредувале дека насилството помеѓу младите и омразата ескалираат и не се забележуваат тенденции на опаѓање и додаваат дека бројот на инциденти, насилство и телесни повреди помеѓу младите од албанската и македонската етничка заедница се во пораст.

Krawallen in Skopje Mord Jugendlicher 19.05.2014
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Комитетот потсетува дека малкуте апели за смирување на тензиите од страна на носителите на извршната власт очигледно не придонесуваат за спречување на меѓуетничкото насилство. „Хелсиншкиот комитет ги набљудуваше насилните протести во текот на вчерашниот ден и констатира дека и во оваа прилика иницијатори за овие настани се младите луѓе меѓу кои и малолетни лица. Иако полицијата во најголем дел соодветно се справуваше со разгневената толпа, од страна на неколкумина новинари комитетот беше известен за одземање на фото и видео материјал направен за време на протестите. Ваквото постапување е флагрантно прекршување на членот 16 од Уставот на РМ преку кој се гарантира слободата на јавното информирање, примање и пренесување на информации и се забранува цензурата“, се вели во соопштението до медиумите од Хелсиншкиот комитет.

Партиски изрази на сочувство за семејството Петковски

Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ денеска изрази сочувство до семејството Петковски поради прерано изгубениот син и упати апел до сите на смиреност, разумно и одговорно однесување. Од партијата, особено ги повикуваат сите политички фактори и политички партии да не ја злоупотребуваат оваа човечка загуба за, како што се наведува, ситни политички пресметки со неистомислениците.

Како што се наведува во соопштението, ВМРО-ДПМНЕ ја поздравува брзата реакција на институциите на системот, МВР, Јавното обвинителство и судските инстанци во насока на расчистување на случајот, пронаоѓање на извршителот на убиството и негово натамошно процесуирање низ легалните и легитимни постапки на државата.

„Апелираме до младите луѓе кои овие два дена изразуваат незадоволство и до нивните семејства да дозволат државата да постапува согласно на законите. Секоја активност спротивна на законите ниту помага некому, ниту е праведна, туку само може да ја вовлече државата во сериозни предизвици и да креира големи тензии. Ги охрабруваме институциите да продолжат со воведување и заштита на редот, мирот и безбедноста“, се вели во соопштението на владејачката партија.

Skopje Krawallen 20.05.2014
Фотографија: picture-alliance/AP Photo

Најголемата опозициска партија СДСМ денеска побара од Владата да ја смири ситуацијата во скопската општина Ѓорче Петров која настана по убиството на 18-годишниот Ангел Петковски.

„Загубата на овој млад човечки живот е трагична и ненадоместлива за родителите, но голема загуба и за општина Ѓорче Петров, и за Град Скопје, и за Република Македонија, истакна на прес-конференција генералниот секретар Оливер Спасовски.

Осврнувајќи се на вчерашниот протест, Спасовски обвини дека полицијата применила сила врз жени и деца, а на новинарските екипи им бил одземен и избришан фото и видео материјалот.

Од СДСМ прашуваат зошто институциите на системот со месеци не реагирале на жалбите од граѓаните дека имаат проблеми со кражби и дали 18-годишното момче е жртва, на како што велат, нефункционалниот партиски систем.