1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Повик кој го покажува непознавањето на Источна Европа

Инго Мантојфел / превод: ЕМФ9 декември 2014

60 познати личности од Германија во јавен повик предупредуваат од опасноста на војна со Русија. Но апелот достоен за почит ги превидува централните факти, оценува Инго Мантојфел.

https://p.dw.com/p/1E12k
Фотографија: Fotolia/irinabal18

Во јавен повик објавен во германските медиуми под наслов „Повторно војна во Европа? Не во наше име“, 60 познати личности од Германија предупредуваат на опасноста од војна во Европа и се залагаат за дијалог со Русија. Имаат право. Во Европа веќе не смее да има војна. Дијалогот е најважната надворешнополитичка заповед на демократијата. Тоа важи и за актуелните односи со Русија. Но овој благороден повик на луѓе кои, без сомневање, имаат свои достигнувања во политиката, економијата и културата, не е соодветен за актуелниот конфликт.

Илузија наместо факти

Сосема е точно дека во Европа не смее да има војна, но нејзе веќе одамна ја има - рускиот претседател Владимир Путин пролетта со воени средства го окупираше Крим и го припои на Руската Федерација. До отворена руско-украинска војна не дојде затоа што Киев, кому сето тоа му беше премногу, стравуваше од воена одбрана на Крим. На истокот на Украина, пак, војната е отворена и носи илајдници мртви и големо уништување. И, без трупи и доставување оружје од Русија, оваа војна би била незамислива. Во тој дел повикот не соодветствува на реалноста.

Дури уште полошо, повикот сугерира како Западот и германската политика да сакале соочување со Москва со воени средства. Нема ништо поапсурдно од тоа, зашто германската влада и врвот на ЕУ унисоно исклучуваат секакво воено решение на конфликтот. Особено германската канцеларка Меркел и министерот за надворешни работи Штајнмајер, и покрај сите тешкотии, продолжуваат со неопходниот дипломатски дијалог со Москва. Ако потписниците на повикот сакаат со него да и‘ дадат поддршка на дипломатијата, тогаш се во право, но во повикот недостига апел до руската политика „да ја согледа сериозноста на ситуацијата“ и да ја почитува обврската за мир.

Речиси рамно на создавање легенди е да се инсинуира дека новинарите и коментаторите не знаеле ништо за стравот на Русите од опколување од страна на НАТО. Потписниците на повикот, се чини, превидуваат два важни аспекта. Прво, нема конкретни НАТО-планови за прием на Грузија и Украина. Во 2008 година токму на двете земји не им беше овозможено приклучување кон НАТО. Самитот на НАТО во Велс годинава фактички ја потврди ваквата одлука. Второ, потписниците на повикот не треба да заборават дека освен руските безбедносни интереси, постои и стравот на Украинците и Грузијците, кои доживуваат како делови од нивните територии се одделуваат со помош на руска воена сила.

Контровезрен повик

Повикот е сосема контроверзен на својот крај. Зашто, по потсетувањето на надежта од 1990 година за создавање обединета Европа во слобода и демократија, повикот завршува со реченицата „до конфликтот во Украина ние во Европа си вообразувавме дека сме на вистинскиот пат“.

Ingo Mannteufel
Инго Мантојфел, уредник на редакцијата за ЕвропаФотографија: DW

Тоа е нелогично поради повеќе работи. Зашто, Украинците сакаат да бидат токму дел од слободна и демократска Европа. Она што со право важи за Русите, не смее да им се ускрати на Украинците. И ако Русија била од страна на европската политика истуркана од Европа, како што претходно се тврди, тогаш Европа во последните децении не била на вистинскиот пат. Тоа би го отфрлиле и руските политичари задолжени за безбедност, зашто руската критика на европската политика кон соседите е многу постара од актуелниот конфликт во Украина.

Руското раководство речиси 20 години постојано се жали на проширувањето на НАТО и на политиката на ЕУ во постсоветскиот простор. Руската критика е постојано игнорирана од страна на Западот. Историчарите ќе се занимаваат со прашањето дали е тоа умно. Притоа во фокусот ќе бидат пред се‘ западните политичари од 1990-тите и од првите години на 21. век, кои, ако работите вака се читаат, не ги почитувале руските безбедносни интереси. Не може да не се констатира извесна иронија, зашто дел од потписниците на актуелниот повик биле токму дел од политичарите во тоа време.

Повикот со својата селективност покажува застрашувачко непознавање на Русија и Украина. Земјите не се гледаат целосно, со нивната историја, актуелни процеси, својства и разноликост, туку се гледаат како објект на (западно)европската посакувана проекција. Вистинските предизвици се други: Каков конкретен однос да се има кон една кризна, ревизионистичка и се‘ поаутистична Русија? Како изгледа вистинскиот баланс меѓу одбрана од закани, превенција и политика на смирување? Апел со благородни флоскули е сигурно премалку.