1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Писмо од фронтот: Утре си во студен гроб

Фолкер Вагенер / ЕМФ29 мај 2016

Сто години по битката кај Вердан, повторно се читаат: писмата на војниците до нивните родители, сестри, браќа, пријатели. Тие го отсликуваат времето и се сведоци за душевната состојба на војниците. Еве избор од архивите:

https://p.dw.com/p/1IwOg
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Повеќе ранети војници ви порачуваат: ако уште еднаш вака глупаво нѐ фрлите в оган, како што тоа веќе неколку пати го имате сторено, ќе ве гаѓаме со порција куршуми во задникот, па и вие ќе знаете каков им е вкусот.“

(Анонимно писмо од 21. февруари од Штутгарт, веројатно испратено од полска болница и адресирано до Кралскиот маршалски уред во Берлин)

„Прилично им се приближивме на Французите... Тие ни дофрлаат ливчиња во кои нѐ известуваат дека подготвуваат јуриш, па нѐ молат малку посилно да отвориме оган за јуришот да изостане.“

(Писмо на капларот Адолф Бенедикт до родителите од јуни 1915 година)

„Воопшто не знам за што уште треба да се бориме, можеби за весниците да ја прикажат историјата во поинакво светло отколку што навистина била... Оној кој и натаму е за војна, тој веќе не е човек. Неволјата не може да биде поголема, ниту во земјата на непријателот ниту дома. Тоа би можеле да бидат само луѓе кои немаат поим...“

(Писмо од Западниот фронт од 17 октомври 1914-та. Пример за јазот меѓу сопствените доживувања на фронтот и официјалното пишување во германските весници)

„Еден гласник на коњ донесе вест дека жителите, кои се многу љубезни кон нас, пукале во нашите митралези и товарот. Ние почнавме да пукаме врз нивните куќи и го запаливме нивното селце, така што кон вечерното небо се крена ужасен пламен. Горе на ридот се собраа старци и други, претежно женски, жители на запаленото селце. Жените клечејќи ни ги пружаа своите деца, а војниците доведоа млади луѓе кои ги затекнале со пушка в рака. Тие беа стрелани.“

(Писмо од Белгискиот фронт, кај Лиеж, објавено на 18 септември 1914-та во весникот „Швебишер меркур“. Тоа претставува потрда за воените злосторства на германските војници над белгиските цивили. Претходно кружеле гласини дека се сторени злосторства врз Германците кои се протерани од Белгија)

Deutschland Feldpost 1.WK
Фотографија: picture-alliance/dpa/U. Anspach

„Додека ви ги пишувам овие редови е осум часот навечер, на гробиштата од другата страна на патот се полагаат телата на осум војници во заедничка гробница... Денес куршум ќе ти просвири низ градите, утре си во студен гроб! Една бомба им паднала точно во скривницата. Од 15 храбри војници, нив осуммина ги разнесла пред да стигнат што било да помислат. Секојдневно доживување...“

(Отворено писмо на католичкиот наставник Шефер од 6. април 1916-та упатено до поранешните ученици од осмо одделение од неговото училиште. Објавено е во весникот „Фрајбургер тагеспост“. Тоа е пример за тоа дека пред сѐ верски обоените весници се обидувале на „генерацијата која расне да ѝ ја покажат сета сериозност на војната“)

„Се слушна команда: Скокај, тргнувај, марш, марш! А потоа нѐ покри дожд од куршуми. Кога повторно легнавме, Хајнрих, кој беше на само неколку метри од мене, рече: Ме погодија два куршума. Јас реков дека ќе му ги превијам раните, но тој одговори: Тоа веќе нема смисла, те молам, поздрави ги моите родители и Тула... Уште неколку пати го викнав по име, а тој не одговараше. Само лежеше неподвижно. Наеднаш се слушна команда: Напред! За жал, не можев да останам...“

(Писмо на млад доброволец од 23 октомври 1914 година)