1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пат-ситуација во Шведска

ЕМФ /агенции
10 септември 2018

Кој ќе владее во Шведска во наредните четири години? Ситуацијата во земјата, каде составувањето влада обично оди лесно, по парламентарните избори не е јасна. Работата ја отежнуваат десните популисти.

https://p.dw.com/p/34b4O
Schweden Stockholm Parlamentswahl
Фотографија: Reuters/I. Kalnins

За десноекстремните Шведски демократи (СД) на парламентарните избори одржани вчера гласаа 17,6% избирачи, со што партијата стана трета политичка сила во парламентот. Шефот на партијата Јими Окесон вчеравечер најави дека СД сега ќе има „вистинско влијание“ во политиката. И покрај тоа што СД не го постигна посакуваниот резултат од 20 до 30 проценти гласови, Окесон оцени дека партијата ја зајакнала својата клучна улога во преговорите за владата.

Schweden Wahlen Schwedendemokraten Jimmie Akesson Jubel
Јими Окесон најави „вистинско влијание“ на својата партија во политикатаФотографија: -picture alliance/DPR/A. Wiklund

Најмногу гласови на изборите освоија социјалдемократите на премиерот Стефан Левен - 28,4%, што е нивен најлош резултат во последните 100 години.

На втора позиција е конзервативната Партија на умерените (накусо - Умерени), со освоени 19,8% гласови.

Премиерот Левен ја повика опозицијата на разговори. Пред своите приврзаници тој рече дека изборите го запечатиле „погребувањето на политиката на блокови (Црвено-зелени и Конзервативци, н.з.)“. „Јасно е дека никој нема мнозинство, па природно е да има соработка која ќе ги надминува границите на различните блокови“, изјави тој и додаде: „Избирачите донесоа одлука, сега на нас, пристојните партии, е да го сочекаме резултатот и потоа да преговараме и да соработуваме, за да ја водиме Шведска напред на одговорен начин.“

Schweden Stockholm Wahlen Stefan Löfven Sozialdemokraten
Стефан Левен ја повика опозицијата на разговориФотографија: Getty Images/AFP/J. Nackstrand

Конзервативните опозициски партии ја отфрлија понудата на Левен за разговори и од него побараа оставка. Истовремено, тие ја подвлекоа својата решителност да состават самите влада. Но, со оглед на тоа што ниту црвено-зелените ниту конзервативците немаат мнозинство, составувањето влада ќе оди многу тешко. Имено, според резултатите, блокот на Левен би освоил 144 од 349 места во парламентот, додека конзервативците би имале 143 места. За мнозинство се неопходни 175 пратенички места.

Премиерот Левен е мета на критики поради неговиот пристап кон бегалската криза. Едни му префрлаат дека прешироко ги отворил вратите на земјата за бегалци, додека други сметаат дека политиката на азил потоа премногу ја заострил.

Од 2012 година во Шведска пристигнаа стотици илјади бегалци. Мерено според бројот на жители, Шведска прими најмногу бегалци во Европа. Шведските демократи во кампањата акцентот го ставија на незадоволството на многу Швеѓани од политиката на доселување на владата.