1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Литература

Парадоксот на „литературата за жени“ во германски контекст

17 јануари 2022

Во германската култура често има обезвреднувачки однос кон литературата од жени и за жени, на која напати паушално и‘ се припишуваат епитетите „сентиментална, кичеста и  тривијална”. Пишува Кица Колбе.

https://p.dw.com/p/45cMS
Кица Колбе, авторка на колумната
Кица Колбе, авторка на колумнатаФотографија: Privat

За книгата на Никол Зајферт  „FrauenLiteratur"

„Женското творештво е омаловажено. Големите културни творечки дострели доаѓаат од мажот. Одвреме-навреме  бива извадена една малечка мумија  со женски особини од  нејзиниот мртовечки ковчег, та ја пуштаат да каже неколку збора, за по некое време пак  да ја погребат и  да ја заборават. Ако за ова сакате да дознаете повеќе, мора да ја прочитате книгата на Никол Зајферт.“ Со овие зборови нобеловката од Австрија, Елфриде Јелинек, ја препорачува книгата „FrauenLiteratur" на  германската теоретичарка  на  литературата  Никол Зајферт (Nicole Seifert). Aвторкаta и блогерка, која  долго работела и како уредничка во неколку издавачки куќи,  истражувајќи  за пишувањето на ова дело три години читала исклучиво книги напишани од жени. Книгата излезе од печат во септември 2021-та  кај престижната издавачка куќа „Кипенхојер & Вич“ (Kiepenheur & Witsch).  Загадочното графичко решение на насловната страница, на која еден збор од насловот „FrauenLiteratur"  е пречкртан, го навестува  визуелно клучното  сознание на Зајферт. Композитната  именка „Frauenliteratur" на македонски би гласела „литература за жени”.Многузначноста и непрецизноста  на оваа ознака одговара на  историјата на литературата од жени во германската култура, но и на реалните  проблеми на писателките  во современото германско општество.

Терминот се воведува во 18-от век како ознака за првите романи, поетски збирки  и драми напишани од жени. Таков е првиот  германски роман, „Приказната на госпоѓицата фон Штернхајм“ од Софи фон ла Рош ( Sophie von la Roche) од 1771-та. Родена во граѓанска средина, а омажена во висок благороднички сој, таа била и првата професионална писателка, која го  печатела и првото германско списание  за жени „Помона“.

На литературата од жени и за жени, во германската култура често  и‘ се припишуваат епитетите „сентиментална, кичеста и тривијална”
На литературата од жени и за жени, во германската култура често и‘ се припишуваат епитетите „сентиментална, кичеста и тривијална”Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Woitas

Поимот „Frauenliteratur“, кој во 18-от век  беше заеднички именител за многу видови  писмо и пишување за темите поврзани со жените, денес  уште се применува  и за  литературата напишана од жени, иако тој  се поврзува со „тривијалната литература“, за каква пред два века често се сметаше прозата напишана од жени или од мажи  само за читателки. Секако, покрај овој доста дифузен и противречен термин постои и поимот „weibliches Schreiben", што е германскиот пандан за францускиот термин „еcriture feminine“. Меѓутоа, ниту овој термин не е доволно јасен, уште повеќе што поимите „weiblich" и „Weiblichkeit" – „женскост“ и „женственост“  се истовремео и стреотипи. А критериумите за тоа што е „женскост“ или „женственост“ ги определува вкусот на едно општество и култура, кои,  дури и ден-денес, се  уште доминатно машки.

Повеќе од авторката: Магијата на бајките во пандемиско време

Не зачудува што мешавината од значења во поимот „Frauenliteratur“ во германската култура често поттикнува и обезвреднувачки однос кон литературата од жени и за жени, на која напати паушално и‘ се припишуваат епитетите „сентиментална, кичеста и  тривијална”.

Овој историски парадокс, содржан во терминот за литературата напишана од жени, ја натера Никол Зајферт да препрочита една дузина книги од авторки за да утврди дали навистина  таа литература е помалку вредна. Нејзиното сознание е дека литературата напишана од жени не е воопшто помалку  квалитетна од онаа напишана од мажи. Таа се прашува зошто  тогаш уште  постои поимот „Frauenliteratur" како ознака за  книги од жени или за жени, но не постои еквивалентен поим за мажите што пишуваат? Впрочем, кога  се работи за  книгите напишани од мажи, тие се  секогаш само - „литература“! Навистина, никој не ги нарекува делата на Лав Толстој или Фјодор Достоевски „литература за мажи“.  Ниту „тривијална литература”, само  затоа што во „Ана Каренина” се раскажува љубовната приказна на една мажена жена.

Повеќе од авторката: Токсичната „љубов“ на слaвjaнските братски народи

Никол Зајферт укажува дека писателките во издавачкото секојдневие во Германија наидуваат многу почесто од писателите на препреки и стереотипни предрасуди. Во голема мера се разликува и  рекламата за  делата на писателите и на писателките.За делата на вториве  се објавуваат многу помалку рецензии во угледни списанија. Првата селекција, всушност, за писателките ја прават издавачите уште пред да се објави книгата, со тоа што писателките потешко успеваат да објават книга. Никол Зајферт го проучува и прочуениот „литературен канон” во германската култура. Тој е списокот на книгите кои мора да ги  имате прочитано доколку сакате да имате солидно литературно образование.

Писателките во издавачкото секојдневие во Германија наидуваат многу почесто од писателите на препреки и стереотипни предрасуди.
Писателките во издавачкото секојдневие во Германија наидуваат многу почесто од писателите на препреки и стереотипни предрасуди. Фотографија: picture-alliance/dpa/C. Klose

Во тој „канон“ се ретки делата на писателките. Авторката се потсетува и на своето сопствено гимназиско и академско образование и констатира дека и во лектирата за деца и младинци, но и во онаа на студиите по литертаура, има многу малку или нема воопшто дела од писателки. Со право се прашува дали  „полот на тие што пишуваат" треба да игра улога во изборот на лектирата? „Секако не, би рекле веројатно најголемиот број од запрашаните. И сепак авторките и понатаму се помалку вреднувани. Тоа мора да престане", заклучува Никол Зајферт.  Уште повеќе што проблемите со кои и ден-денес се среќаваат авторките во литратурната бранша во Германија се одамна познати. Секако, никој досега не направи од таа сума на горчливи сознанија  содржина на едно дело, како што тоа го стори таа, со тоа што јасно го лоцираше проблемот: штом не постои  терминот „литература за мажи“, тогаш ме смее да постои ниту терминот „литература за жени”! Се‘ додека тој постои, лицемерно е да се говори дека има само добра и лоша литература, напишана од мажи или од жени. Нејзиното именување, но и предрасудите кај мажите – читачи или писатели –  за литературата од жени, покажува дека  тие уште не ги доживуваат писателките како рамноправни со писателите.

Повеќе од авторката: Конески и грижата за јазикот

Никол Зајферт затоа смета дека во домашните библиотеки треба да се зголеми „квотата” од книги напишани од жени. Навистина, колку повеќе децата и младинците ќе бидат социјализирани читајќи книги од писатели и од писателки, толку повеќе тие  ќе бидат сензибилизирани и за темите од животот на жените. Тогаш и тие теми, кои денес дури и многу литературни критичарки уште стереотипно ги нарекуваат „женски теми”, се‘ повеќе и од многумина, мажи и жени, ќе се сметаат за литературно  вредни.

 

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.