Папата повика на помирување во цел свет
25 декември 2011Папата Бенедикт 16-ти во својата традиционална Божиќна порака повика на завршување на насилството во Сирија, каде, како што рече, „е пролеано премногу крв“.
Обраќајки им се на десетици илјади верници од балконот на базиликата Свети Петар во Ватикан, поглаварот на Римокатоличката црква рече дека се молел за тоа - раѓањето Христово кое се слави на Божик да испрати порака до сите оние кои треба да бидат спасени од тешкотии.
„Господ нека му помогне на човештвото повредено од многуте судири, кои и денес ја окрвавуваат планетата“, рече Бенедикт 16.
Тој побара помирување на Изралеците и Палестинците, но и помирување во Африка. Папата рече дека се надева оти она што е постигнато со арапската пролет ќе придонесе за „заедничката добробит“ на земјите во Северна Африка.
На почетокот на својата Божиќна порака, папата ја осуди желбата на човекот да го „замени“ Бога и да „одлучува што е добро, а што лошо“ и да „верува дека тој е господар на животот и смртта“. По говорот, папата Бенедикт 16. упати божиќни честитки на 65 јазици.
Вчера, папата служеше Света миса во базиликата Свети Петар. Во неговата проповед тој ја критикуваше комерцијализацијата на Божик. „Божик денес стана празник на продавниците, чиј заслепувачки сјај ја крие тајната на покорот“, рече папата. Поглаварот на католичката црква, освен тоа, ги повика католиците ширум светот да покажат солидарност со сиромашните и доселениците.
Десетици илјади верници за време на Божиќното празнување се собрани и во Витлеем, каде според преданијата бил роден Исус. Патријархот од Ерусалим Фуад Твал во својата молитва вчеравечер побара „мир, стабилност и безбедност“ на Блискиот исток. Освен тоа, за време на Светата миса тој се заложи и за „помирување во Сирија, Египет, Ирак и Северна Африка“.
Автор: Елизабета М. Фиданоска /афп/ртр/бета
Редактор: Симе Недевски