Папата повика на мир во Сирија
25 декември 2012Мировната порака на папата Бенедикт 16. годинава е насочена пред се‘ кон Сирија и конфликтот во кој не се поштедени „ниту недолжните“.
„Уште еднаш повикувам да се стави крај на крвопролевањето, да им се пружи помош на бегалците и да се бара политичко решение за конфликтот по пат на дијалог“, рече папата.
Притоа, Бенедикт 16. одбегна, исто како и досега, да заземе страна во конфликтот. Папата остана неутрален и по прашањето на конфликтот во Светата земја: „Нека има мир во земјата во која е роден Спасителот. Тој на Израелците и Палестинците нека им даде храброст да им стават крај на борбите и поделбите и да зачекорат решително по патот на преговори“, рече поглаварот на Римокатоличката црква.
На плоштадот Свети Петар денеска беа собрани десетици илјади луѓе за да ја слушнат божиќната порака на папата и неговиот благослов „Урби ет Орби“.