Папандреу доби поддршка од Хилари Клинтон
17 јули 2011Време е Европа да се разбуди и да пронајде решение за должничката криза во Грција, која се заканува да ја загрози целата еврозона, изјави грчкиот премиер Јоргос Папандреу во интервју за денешниот број на атинскиот весник „Катимерини“.
Папандреу во интервјуто нагласува дека Грција ќе успее да го врати огромниот долг од 350 милијарди евра со кој се соочува сега, додавајќи дека во тек се разговори за изнаоѓање долгорочно решение за излез од кризата.
„Во овој момент нема место за оние кои шират страв и се убедени во неуспех“, истакнува Папандреу.
На 21 јули во Брисел ќе се одржи вонреден Самит на ЕУ на кој би требало да се најде трајно решение за излез на Грција од кризата, која се заканува да се прелее и во други земји од еврозоната, пред се‘ во Италија и Шпанија.
Претседателот на ЕУ, Херман Ван Ромпој најави дека четврточниот самит ќе се фокусира на финансиската стабилност на еврозоната и на идното финансирање на грчката програма.
Клинтон во Атина
Американскиот државен секретар Хилари Клинтон која денеска е во Атина, им изрази целосна поддршка на народот и на Владата на Грција во напорите за преземање на мерките за излез од кризата.
„САД силно ја подджруваат решеноста на Владата на премиерот Папандреу за спроведување на неопходните рефоми, изјави Клинтон по средбата со грчкиот министер за надворешни работи Ставрос Ламбринидис.
Според Клинтон, реформските мерки на Папандреу, чии позиции се ослабени и тој е се поизолиран во сопствената земја, ги докажуваат неговите квалитети на лидер.
Посетата на Клинтон на Атина е во рамките на нејзината 12-дневна дипломатска турнеја, која ќе трае до 25 јули. Пред Грција, Клинтон ја посети Турција, каде учествуваше и на состанокот на Контакт групата за Либија во Истанбул, а по Атина, таа ќе ги посети и Индија, Индонезија, Хонг Конг и јужните делови на Кина.
Автор: Борис Георгиевски/афп/миа
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска