1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пандемијата и исконскиот копнеж по своја градина

31 јануари 2022

Од почетокот на пандемијата во големите германски градови, бројот луѓето на листите на чекање за малечка дрвена куќарка со градина од некои 400 квадратни метри, се зголеми четирикратно. Пишува Кица Колбе

https://p.dw.com/p/46IXC
Deutschland Bochum Kleingartenanlage mit Deutschlandfahne
Фотографија: picture-alliance/blickwinkel/S. Ziese

Пандемијата го разбуди кај многу Германци во големите градови исконскиот копнеж по своја градина. Вирусот ги затвори луѓето во своите четири ѕида. Благословени беа само оние кои уште пред пандемијата имаа своја градина, а најдобро и куќа среде неа. Ама затоа што сонот за вистинска куќа со градина во големите градови станува неостварлив за најголемиот дел од граѓаните, од почетокот на пандемијата во големите градови бројот луѓето на листите на чекање за малечка дрвена куќарка со градина од некои 400 квадратни метри, се зголеми четирикратно. „Колониите“ од малечки градини за жителите на големите германски градови беа основани на почетокот на дваесеттиот век во многу делови на Германија. Љубовта на „ситноградинарите“ (на германски, Kleingärtner) за нивните малечки градини, засадени со овошни дрвја и леи со зеленчук, порано во германското општество беше повеќе за подбив, иако тие имаа и многу значајна улога. На пример, за социјално покревките фамилии со деца, кои во градовите често живеат во станбени блокови во бетонска џунгла. Околу нив ретко има многу зеленило. Затоа веќе цел век градската управа им нуди на граѓаните градини за годишен наем од 300-450 евра. Но затоа што ваквото ситно градинарство беше воведено на почетокот на дваесеттиот век, тие парцели се стари градини кои преминуваат од еден наемник на друг. Тоа што чини многу повеќе од наемот е еднократната сума (најчесто неколку илјади евра) со која новиот корисник ја откупува од претходниот неговата градинарска „инфраструктура“. Тоа значи, куќарката, покриените тераси, шупите, овошните дрвја, засадениот зеленчук, цвеќињата.

Прочуените „колонии” од малоградинарство, шетачот во големите германски градови го изненадуваат со спокојот и убавината што ја зрачи нивното раскошно зеленило. Нив, на пример, може да ги здогледате од прозорецот на возот додека патувате низ келнскиот кварт Дојц, последниот пред да стигнете на главната железничка станица. Густеж од зеленило со малечки куќарки, небаре се некој волшебен град на џуџиња, се отвора за зачудениот поглед. Но и кога се шетате низ келнскиот кварт Линдентал, во западниот дел на Келн, ненадејно пред вас се отвора погледот на една од најстарите малоградинарски колонии. Таа започнува на крајот од Глојлерстраше и се простира сѐ до почетокот на огромниот парк Декштајн. Куќарките во градините, наредени геометриски, една до друга, со иста големина и квадратна форма, се ниски, изградени од дрво. Некогаш се гледа дека се многу стари, но грижливо одржувани, бојадисани неколкупати. Градините имаат стари дрвја, најчесто јаболкници и праски. Помеѓу редовите од градини поминуваат бетонирани сокачиња со романтични имиња. „Fliederweg“ (Сокаче на јоргованите) или „Lavendelweg“ (Сокаче на лавандата).

Mazedonien Kica Kolbe Schriftstellerin
Кица КолбеФотографија: Privat

Вчера, во неделното попладне, немаше многу шетачи додека со сопругот се шетавме со кучето крај оваа колонија, одејќи во правец на паркот Декштајн. Крај патот, во густежот од сува трева околу стеблата на дрвјата крај зелената ограда на градините, веќе проблеснуваа бели гнезда од кокичиња. Во нив веќе ја помирисав близината на пролетта! На местата изложени на сонцето, се гледаа и виолетовите главчиња на качунките. Знаци на надеж во сивилото на пандемиската зима.

Под старите високи дрвја градот поставил клупи на секои десетина метри. Немаше многу шетачи, затоа што беше времето на неделниот ручек.

Низ центарот на колонијата минува долга асфалтирана алеја, оградена од двете страни со густ дрворед. Тоа се јапонските цреши кои во мај се вистинска атракција во овој дел од Келн. Тогаш улицата се преобразува во долг шпалир од расцутени розови гранки. Најголемиот дел од дрвјата се стари, но не беа малку ниту новите саденки, онаму каде пто старите биле исечени. На таблите врз младите стебла прочитавме дека дрвјата се донација на „Келнската зелена фондација“. Грижата на градските татковци и политичари за зеленилото во Келн е одамна позната. И за создавањето на колонијата за ситноградинарство во квартот Линдентал 1921-та беше се заложил тогашниот градоначелник на Келн, Конрад Аденауер. Тој на таа функција беше од 1917-тата до 1933-тата, а во тоа време и живееше во квартот Линдетал. Тој се погрижи да бидат создадени неколку големи паркови кои ги окружуваат трите кварта, Линдентал, Зилц и Клетенберг.

Deutschland Bildergalerie Kleingärtner Nachkriegszeit
„Малоградинари“ во периодот по Втората светска војна (архивска фотографија, 1948)Фотографија: picture-alliance/dpa/dpd

Граѓанинот со желба да земе под наем малечка градина со дрвена куќарка мора најнапред да конкурира кај здружението за членство. Германците не би биле Германци кога и за вакви нешта, како колонии за малоградинарство, не би донесле закон кој најнапред ќе пропише сѐ, до најмалата ситница! Не само изгледот на градината и материјалот од кој треба да бидат изградени градбите во неа, туку и нивната височина, нивната употреба само дење, како и тоа кои овошни дрвја е дозволено да се садат. На пример, вишни, но не и цреши! Законот пропишува дека две третини од парцелата треба да бидат насадени со зеленчук и со овошни дрвја. Секоја градина е приклучена на електичната мрежа, на водоводот, а делумно и на канализацијата. Кога на крајот на деветнаесеттиот век се појавила идејата за вакви малечки градини за сиромашното градско население, во прв план била полезноста на градинарството за здравјето на возрасните и на децата. Секако, важна била и можноста за социјално загрозените фамилии самите да го произведуваат зеленчукот и овошјето. Овие градини често се нарекуваат „Шребер-градини“, по името на германскиот лекар од Лајпциг, Мориц Шребер, кој придонесол да се основаат првите спортски здруженија за сиромашните граѓани, болни од хронични болести. Во тој контекст се родила и идејата за малоградинарството под наем.

Deutschland Bildergalerie Kleingärtner Berliner Mauer
Куќарка во „шребергартен“ веднаш до Ѕидот во Берлин (1982 година)Фотографија: picture-alliance/dpa

Поимот „Schrebergärtner" долго беше симбол за малограѓански дух, но денес перцепцијата на овие луѓе кои, од копнеж по градина и куќарка во зеленило, земаат под наем парцела од општинската земја сѐ повеќе се менува. Особено откако познатиот германски писател со руско-еврејско потекло, Владимир Каминер, 2007-тата ја напиша книгата „Мојата година во шребер-градината“, овие посебни градинари станаа „славни“. Каминер немал градинарска дарба и, веројатно, тоа искуство му требало како идеја за следната книга! Меѓутоа, неговата жена, порасната во Санкт Петерсбург, имала незаборавни сеќавања на градината на баба си во некое кафкаско село. Таа сакала да си ја испроба среќата: во Берлин да добијат под наем малечка градина близу нивниот стан во прочуениот кварт Кројцберг. Градината која им била доделена, порано била во источниот дел од Берлин. Што значи, ситноградинарската идила уште го имала белегот на животот во ГДР, што за писател како Каминер станало одличен литературен арсенал за многу интересни ликови.

- повеќе од авторката:Македонските приказни и времето на бугарската окупација

Меѓутоа, градското малоградинарство денес не е пак во мода од литерартурни причини, туку затоа што голем дел од младите Германци имаат изразита еколошка свест. Тие сакаат да живеат во големите градови, но не сакаат да се откажат од можноста самите да го одгледуваат својот био-зеленчук. А, притоа, и децата да имаат непосреден однос со природата и со животинскиот свет.

- повеќе од авторкатаМагијата на бајките во пандемиско време

Профилот на луѓето што денес се одлучуваат да земат под наем малечка градина во големите германски градови се смени особено во последните десетина години, затоа што најголемиот број од корисниците не се повеќе пензионери, туку млади, модерни луѓе кои го сакаат енергичниот живот во градот, во кој сакаат, со малку средства, да си обезбедат и можност да се повлечат во вистинска оаза на спокојот, зеленилото и убавината. Како младата архитектка од Хамбург, која на својот блог „Frau Meise“ редовно го опишува нејзиното искуство со градинарството во малечката градина, оддалечена од нејзиниот стан само неколку минути возење со велоспед. На својот блог таа ги поттикнува сите оние да го остварат својот сон, кои уште копнеат по сопствена градина во големите градови, нудејќи им интересни доживувања, но и рецепти за готвење со био-зеленчукот кој самата го одгледува. Таа докажува дека престојувањето во куќарка во „Шребергартен” може да биде многу естетски чин.

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.