Палестина стана членка на УНЕСКО
31 октомври 2011Организацијата на ОН за образование, наука и култура, УНЕСКО, ги прими Палестинците како полноправен член, и покрај противењето на САД.
На генералната конференција во Париз попладнево за прием на Палестинците гласаа 114 држави, 14 беа против, меѓу нив и Германија. За одлуката да биде полноправна, Палестинците треба да го ратификуваат уставот на УНЕСКО. Одлуката претставува голема опасност за финансирањето на УНЕСКО, зашто САД можат да ги прекинат финансиските дознаки, а со 22 проценти покрај Јапонија и Германија, се најголем плаќач во буџетот на организацијата.
Во првата реакција, амбасадорот на Израел во оваа организација остро го осуди приемот на Палестина и се закани со мерки кон сите држави кои гласале позитивно за приемот.
„Овие земји прифатија научно-фантастична верзија на реалноста со приемот на непостоечка држава во научна организација. УНЕСКО треба да се занимава со наука, а не со научна фантастика“, изјави израелскиот амбасадор Нимрод Баркан.
Автор: ЖА/афп
Редактор: Борис Георгиевски