1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Палестина по победата на Хамас на изборите

26 јануари 2006

Иако конечните резултати Изборната комисија ќе ги соопшти дури попладнево околу 18 часот, до сега владеачкиот Фатах на поранешниот Претседател на Палестинците Јасер Арафат, веќе го призна поразот.

https://p.dw.com/p/AcXJ
Досегашниот палестински премиер Ахмед Куреи
Досегашниот палестински премиер Ахмед КуреиФотографија: AP

Актуелниот премиер на палестинската влада, Ахмед Куреи веднаш поднесе оставка на функцијата, отворајќи пат за именување нов премиер:

„Тоа е избор на народот и треба да се почитува. Мислам дека ако мнозинството тоа го бара, тогаш Хамаз треба да формира нова влада. Претседателот треба да побара од Хамаз да формира нова влада. Јас лично веќе ја испратив оставката!„

Претседателот на Палестинците Махмуд Абаз потврди во меѓувреме дека мандатот за формирање нова влада ќе му го довери на движењето Хамаз, кое според сопствени проценки освоило 77 од вкупно 132 места во идниот состав на парламентот. Високиот функционер на поразениот Фатах, Саеб Ерекат најави дека ноговата партија ќе замине во опозиција, бидејќи не е подготвена на соработка со Хамаз во новата влада. „Израел секогаш велеше дека нема партнер за преговори на палестинска страна – сега ќе видат со кого ќе соработуваат„ – порача Ерекат.

Израелското радио, повикувајќи се на владини извори, објави дека Израел нема да преговара со Хамаз, а поразот на Фатах предизвикува голема загриженост. Министерот за надворешни работи Силван Шалом оцени дека победата на Хамаз ќе го втурне целиот регион во хаос.

Повеќе западни политичари, како и генералниот секретар на ОН Кофи Анан апелираа до организацијата Хамаз да се откаже од насилството, а шефот на германската дипломатија Франк Валтер Штајнмајер посочи:

„Можеме да си замислиме разни сили во владата, но при тоа постојат два услова. Силите кои ќе бидат во владата мораат да се откажат од насилството и да го признаат правото на постоење на Израел„ – нагласи Штајнмајер додавајќи дека уште во текот на вечерта ќе договори заеднички став со неговите колеги од ЕУ.